Невработените не сакаат обуки
Графички дизајнери, угостители, приватни станоиздавачи, адвокати и заботехичари се дел од ново отворените дејности на невработени охриѓани. Во Агeнцијата за вработување се финишираат активните мерки за самовработување во општина Охрид. 70 лица ја искористиле државната мерка за самовработување во различни дејности. Долга е листата на други профили од активните баратели на работа кои на овој начин го решиле своето егзистенцијално прашање. Со финансиска поддршка од 5000 евра може да се отвори сопствен Доел, а со здружување од две лица 10.000 евра за регистрирање друштво со ограничена одговорност. Од деведесетте пријави од невработените лица, дури 70 апликанти добиле зелено светло за самовработување, а во меѓувреме десетина се откажаа, укажува Елведина Дика, директорка на Агенцијата за вработување од Охрид.
„Во општина Охрид имаше голем одѕив, но процесот беше долг и траеше 4-5 месеци. Проектите мораше да одат со економски консултант, отценки , на три Комисии, а почнаа и годишните одмори па се пролонгира процесот до месец септември. Сега завршуваме и почнавме да ги реализираме договорите и ја почнавме правата уплата на профактурите“, вели Дика.
И додека охриѓани покажале голем интерс за оваа мерка да отворат сопствен бизнис со парична помош од државата, нема заинтересирани за користење на мерката обука за познат работодавач финансирана од УНДП. Интерес нема иако се плаќаат пари за да се научат производствени операции во текот на четири месеци , за шивачката или автомобилската индустрија, вели Дика.
„Се добиваат сертификати за одредени дејности, но нема луѓе. Невработените не сакаат да учат. Обуката може да се направи и да се совладаат повеќе потребни производствени операции“, напоменува Дика.
Невработените лица за обуките за познат работодавач добиваат средства во висина од 9200 денари бруто, а нето 7500 денари. Имаат можност да добиваат паричен надоместок и да се стекнат со верифициран сертификат од Министерството за образование и наука. Во охридската Агенција за вработување на листата на невработени најбројни се лицата на возраст од 40 до 44 години.