Skip to main content

Центар за вработување Охрид

Невработените заинтересирани за грант за отворање сопствен бизнис и обуки за ИТ вештини

Оваа година биле отворени 50-тина мали бизниси со користење неповратни средства од Агенцијата за вработување.
 |  Маја Савиќ  | 

50 тина невработени лица годинава отвориле сопствени бизниси во Охрид преку мерка на Агенцијата за вработување.  Преку мерката за самовработување со неповратни средства – грант од 5000 и 10 000 евра  во градов се отвориле претежно занаетчиски дуќани, козметички салони, салони за убавина и масажа, изработка на филигран, на сувенири, резбар, стаклар, молер и фирма за груминг односно средување на домашни миленици. Оваа мерка е најпримамлива за  активните баратели на работа, посебно за помладите на пазарот на труд, вели директорката на охридскиот Центар за вработување, Александра Дончевска.

„ Најголем интерес лицата пројавуваат за мерката самовработување со грант , мерката за субвенционирано вработување, а исто така оваа година има доста интерес и за мерката обука за напредни ИТ вештини каде невработените лица имаа можност да се пријават и да следат обука за една од 30 програмски пакети.“ – вели Дончевска, директорка на Агенција за вработување Охрид.

Во моментов активни се јавни повици за две мерки, субвенционирано вработување во рамки на проектот на ИПА наменет за невработени лица од ранливи категории кои потешко се вклучуваат на пазарот на труд  и мерката Обука на работно место кај конкретен работодавач.

„Се повикуваат сите невработени лица кои активни баратели на работа кои припаѓаат на една од целните групи : корисници на гарантирана минимална помош, жени, Роми,  млади лица до 29 години, лица со попреченост и долгорочно невработени лица да дојдат во Центрите за вработување да направат пријава со цел да се вклучат во некоја мерка. – посочи Дончевска.

Во Центарот за вработување во Охрид севидентирани се 2495 активни баратели на работа од кои 1318 се мажи, а 1 177 жени. Од нив најголем дел се без или со ниско образование како и непотполно средно образование, 323 невработени лица се со високо образование,  а има и 29 невработени магистри.