Независниот кандидат за градоначалник, Васил Ристески ја започна кампањата
Подржан од Социјал-демократската унија, Ристески доколку ја добие подршката на граѓаните, најави враќање на поранешниот сјај на чаршијата, но и враќање на насмевките на лицата на охриѓани.
Независниот кандидат за градоначалник, подржан од Социјал-демократската унија, м-р Васил Ристески ја започна својата изборна кампања. Тој рече дека досега граѓаните имале можност да ја видат способноста на партиските градоначалници и дека е време да се избере лице кое е експерт од областа на развојот на урбаните средини.
Ристески вели дека актуелната состојба во Охрид е добро позната, дека Охрид е град завиен во сивило, во кој има само безнадежност кај граѓаните и дека тоа мора да се менува.
Тој на своите политички опоненти им порача да се занимаваат со своите професии, но побара и демократска кампања.
„Ги охрабрувам да кампањата биде фер и коректна, а ги охрабрувам и во секое време кога ќе посакаат да излеземе на заедничка дебата или дуел пред граѓаните за да видат граѓаните кој од нас е кадар во комплетна смисла на зборот, како личност да навистина го поведе овој град, да го извади од ова сивило, да го извади од оваа безнадежност и да повторно чаршијата заблеска со маса народ, а не празна како сега, со луѓе кои ќе имаат насмевки на лицата, со луѓе кои ќе гледаат перспектива во сопствениот град каде што се родиле, а не надвор од границите на Македонија.“-вели м-р Васил Ристески, независен кандидат за градоначалник.
Ристески рече дека тој, како експерт од областа на правото и социологијата, доколку биде избран, ќе допринесе за развој на Охрид и враќање на сјајот на охридската чаршија.
„Во наредниот период во рамките на можностите ќе презентираме делови од својата програма, и на граѓаните ќе им биде достапно се она што како програма го нудиме. Ги поканувам сите граѓани кои сакаат подетално да се информираат за нашата програма, можат во секое време да дојдат до овој штаб. Им порачувам дека по изборот на градоначалник, на чело со мене и мојот тим ќе го фрлиме принципот нишај врата-земај плата, 24 часа ќе работиме макотрпно и ќе ги запрегнеме не само ракавиците туку и ногавиците додека навистина направиме поубав град, и подобар живот за сите граѓани во Охрид.“-рече Ристески.
Инаку, Ристески, заедно со својот тим, како дел од неговото прво претставување пред јавноста, го посети и градскиот пазар и поразговара за проблемите кои ги мачат пазарџиите.
{loadposition content9}