Независниот носител на советничка листа, Зоран Стевоски ја започна кампањата
Носителот на независна советничка листа, Зоран Стевоски, од срцето на Долно Лакочереј најави преродба на селата во охридско.
Од родното Долно Лакочереј, носителот на независната советничка листа, Зоран Стевоски, ја започна својата кампања за престојните локални избори.
Според него, селото Долно Лакочереј е село кое во послените 20 години рапидно уназадува. Стевоски вели дека во минатото, ова село доминирало во сите сфери, и во спортот, и во културата, и во земјоделието.
„Со ова сакам да порачам дека не само Долно Лакочереј, туку и сите села во општина Охрид, вклучувајќи ги и селата од поранешната Коселска општина, ќе се заложиме ние како советничка група да го добијат своето вистинско место и да го добијат своето ново руво. Не само селата, туку и приградските населби кои сеуште живеат во 19от век. Ќе се потрудиме да добијат цивилизирани услови за живот.“-вели носителот на независната советничка листа, Зоран Стевоски.
Стевоски вели дека во наредните дваесет дена, колку што ќе трае изборната кампања, тој, заедно со својата советничка група, ќе се обидат да допрат до сите обесправени луѓе, до сите кои чекаат работа и кои газат по раскопани улици.
Овие проблеми според Стевоски се заеднички именител за сите охридски села.
„Прво е нерешената инфраструктура, потоа на овие села им е потребно развој на земјоделието, замрен е животот на младите, спортот е на најниско ниво. На пример на Лакочереј му треба еден ладилник за одржување на земјоделските производи, на Лакочереј му треба фабрика каде што ќе се преработува индустриското овошје и зеленчук, а со истите проблеми се соочуваат и останатите села. Така да ние ќе гледаме тие проблеми нивни да ги решиме во наредниов период, барајќи инвеститори од околните земји кои што ќе имаат интерес да вложат во овие села и да изградат едни такви капитални објекти.“-рече Стевоски.
Покрај посетата на Долно Лакочереј, Стевоски најави дека до крајот на кампањата ќе ги посети сите населени места во општина Охрид, и дека ќе се обиде гласот на граѓаните да го пренесе и во новиот општински совет.
{loadposition content9}