Skip to main content

Николовски ќе ја унапредува соработката со Албанија во делот на трговската размена

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, денеска во Охрид имаше билатерална средба неговиот колега од Албанија, Нико Пелеши. На состанокот беа отворени сите прашања во делот на трговската размена помеѓу двете земји, можноста за зголемување на меѓусебната трговија, системот на следливост на млечни и месни производи, како и мерките за контролата на искористувањето на пастрмката во Охридското езеро.

 |  Николоска Биљана  | 

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, на денешната средба со албанскиот министер за земјоделство и рурален развој Нико Пелеши, истакна дека итно е потребно на формирање на работни групи со надлежни институции помеѓу двете земји со цел унапредување на трговската размена.

„Овде во Охрид се одржува нашата прва средба. За месец дена договоривме средба во Корча или во Тирана во Албанија. Драго ми е што отворивме повеќе прашања кои што со години стојат во нашата соработка како држави. Она што првин го дискутиравме е трговска размена помеѓу Македонија и Албанија и потенцијалот кој што постои во делот на развојот на земјоделството на производството на храна и на овозможување на искористување на сите потенцијали меѓу двете земји“.

Министерот за земјоделство и рурален развој на Албанија, Нико Пелеши, посочи дека двете земји треба да го искористат времето до влез во Европската унија, за унапредување на трговската размена и прилагодување кон европските регулативи, особено во делот на земјоделството.

Ова за нас е важен состанок, со оглед на тоа дека и двете земји се интензивно насочени кон евроинтеграциите и овој состанок е во духот на Берлинскиот процес кој што подразбира зголемување на меѓусебната соработка. Сакам од оваа средба да произлезат заклучоци кои ќе значат зголемување на трговската размена и искористување на сите потенцијали во таа насока. Албанија има производи кои што вие ги немате, и обратно, вие како земја имате производи кои нас ни требаат, затоа и трговијата треба да се одвива слободно и без бариери“.

Министрите се договорија да ја разгледаат можноста за искористување на меѓуграничните проекти поддржани од ИПА инструментот. Двете земји имаат потпишано Протокол за соработка во областа на земјоделството, во јуни 2005 година во Тирана, кој е се уште важечки, но не е функционален.