Ниска еколошка свест – смет се фрла каде што не му е место
Ниска еколошка свест- смет се фрла каде што не му е место.
Ниската еколошка свест и понатака присутна во градот. Негрижата на поединци кон животната средина и понатака присутна слика во нашето секојдневие. Расфрлан отпад од секаков вид може да се заблежи на разни делови од градот и околината. Деновиве таков беше случајот на потегот од црквата Каменско до улицата Кирил и Методиј. Несовесни граѓани фрлале отпад во шумата со што се нагрдува пролетната глетка со расцветаните бадеми.
За среќа после нашата сугестија до раководството на Комуналец за проблемот на овој потег, просторот е исчистен и се собрани 5 метри кубни отпад. Директорката на ЈП „Комуналец“ Елена Скрческа вели ги извршуваат сите редовни активности за подигање на смет по работниот календар, но се подготвени да се грижат за чистота и по јавувања за вакви и слични диви депонии и надвор од планираните зафати.
„ Ние реагираме на информациите било од медиумите, било на граѓаните кои ќе најават каде што има смет и без разлика дали комуналната инспекција ќе ни даде налог ние сме секогаш подготвени да одговориме на повиците и да расчистиме некој простор“, вели Скрческа.
Граѓаните продолжуваат со навиката да се ослободуваат од сметот на местата каде што се отстранија контејнерите. Така пред своите домови создаваат грда слика заборавјќи дека и животната средина е нивниот дом.
Скрческа објаснува дека редовно ги информираат граѓаните за деновите на собирање на смет и нивниот работен календар. За жал дел од нив се однесуваат и понатака неодговорно кон животната средина иако некои од нив се бесплатни и на повик од граѓаните.
„Има одредени денови за подигање и на кабаст отпад. Секоја сабота во урбаните заедници се подига и зелен отпад. Нас ни се случува толку убава глетка ,а граѓаните не се придржуваат кон редот и објавените акции. Приморани сме и крајно време е со комунлната инспекција да најдиме некое решение преку казни за оние кои го прекршуваат тој ред“, потенцира директорктаа на ЈП Комуналец.
Глетката со расфрланиот отпад не е исклучок и на спортските терени каде што спортуваат младите лица. Расфрлени пластични шишиња од употребени пијалоци се наоколу терените. Тука треба да придонесат со свои совети и сугетсии и спортските работници. Свој придонес покраj спортските успеси да дадат и со потсетување на младите спортисти и на значењето на чистата животна средина.
{loadposition content9}