Нискоградба ќе им наплаќа на субјекти кои користат техничка вода без броило
Хотелите и поголемите капацитети со апартмани кои користат техничка вода во иднина ќе плаќаат надоместок на ЈП „Нискоградба“. Градскиот совет даде согласност на одлуката на Управниот одбор на јавното претпријатие за утврдување на начин за пресметување на цената за фактурирање на субјекти кои користат техничка вода, а немаат поставено водомерно броило. Одлуката ги опфаќа и инвеститорите кои градат станбени објекти, како и автоперални.
Јавното претпријатие на правните субјекти ќе им фактурира паушал според минимален број на кубици техничка вода.
Цените и кубиците се утврдени од работни групи на ЈП „Нискоградба“ заедно со ДЈП „Колекторски систем“, утврдени се од страна на хидроинженери кои пресметувале колку е минималниот и максималниот испуст на вода во текот на еден месец и една година, при што одиме на минимално фактурирање по основ на кубици – кажа Александар Трпеноски, директор ЈП „Нискоградба“.
Така на пример за хотелите принципот е според број на легла при што се пресметува по 1 метар кубен вода по легло и изнесува околу 100 денари.
Претседателот на Совет, Сашо Донев, кој бил иницијатор на воведување на наплатата за корисниците на техничка вода, посочи дека одлуката не се однесува на физички лица кои живеат во куќи и станови, туку за правни субјекти кои имаат поголеми капацитети.
Се работи за посериозни правни лица коишто не само што ја користат канализацијата, туку и во летниот период нашите служби кои ја чистат канализацијата на повик најчесто интервенираат кај тие правни лица бидејќи има и најмногу дефекти – вели Донев.
„Добро ќе беше сите тие субјекти кога инвестирале во вадење и користење техничка вода да поставеле и водомери, бидејќи таа вода завршува во секундарната канализациона мрежа и колекторот“, вели Донев. Доколку некое правно лице смета дека премногу плаќа тој субјект може да си постави водомер и врз основ на испумпаната вода во канализациониот систем ќе се фактурира според утврдените цени.
За инвеститорите при градба на објекти, пак, ќе се фактурираат 300 кубици месечно.
Во Охрид при секои градежни активности се појавуваат подземни води и кога се градат станбени објекти водата се исфрла во канализацијата која некогаш е со примеси на песок и камења кои создаваат проблеми во функционирањето на канализацијата и постојано екипи на Нискоградба работат на отпушување на мрежата и токму поради тоа и одржување на канлизациониот систем во иднина ќе се наплаќаат средства за сите кои ќе градат објекти – посочи Донев.
Советниците од опозицијата ја поздравија одлуката на УО на ЈП „Нискоградба“ како пример дека секогаш треба да се бара начин како да се подобри работењето на јавните претпријатија без притоа да се преземаат непопуларни мерки како зголемување на цените на услугите.
Единствено апелирам кога ќе ги утврдувате тие износи и ќе ги правите задолжувањата и фактурирањата да имате во предвид за реалната состојба особено со хотелите затоа што знаеме дека дел од нив и не работат во зимскиот период, да не се случи да ги обврзувате за услуга која не ја користат – кажа Живка Ангелоска.
Во насока на воспоставување ред во функционирањето на јавните претпријатија и обезбедувањето квалитетни услуги, во тек е и акција за откривање диви приклучоци на фекалната канализација на територија на општина Охрид.