„Његош и јас“ во Заливот на коските
Авторскиот проект на големиот режисер Паоло Маџели, „Његош и јас“, пред публиката на Охридско лето. Оваа нетипична претстава е еден вид на патување низ сеќавањата на Паоло, од деновите кога за прв пат пристигнал во Црна Гора.
Нетипична претстава на нетипична локација. Авторскиот проект на големиот режисер Паоло Маџели, „Његош и јас“ пред публиката на Охридско лето“ која ќе треба да отпатува до Заливот на коските за да ја погледне оваа театарска претстава. Според режисерот Маџели, „Његош и јас“ е приказна за времето кога ја запознавал Црна Гора и кога бил фасциниран од тогаш недопрениот простор.
„Не е носталгична претстава, тоа не е некое сеќавање, има и некоја шизофренија. Маја ги игра во исто време час и Данило, час и Поповиќ и на крај една девојка. Нема никакви претензии тоа да биде една реконструкција на случувањата од времето кога сум имал 25 години. Тоа ве молам би било досадно и еден фетишистички принцип.“-вели режисерот Паоло Маџели.
Претставата ја изведува Црногорскиот народен театар. Таа првично била изведена на фестивалот „Котор Арт“, а периодот на одигрување интересно се поклопил со одбележувањето на 200 годишнината од раѓањето на големиот поет Петар Петровиќ-Његош.
„Ние добивме една претстава која на еден атипичен балкански јазик го слави големиот гениј и поет. Ова е претстава која зборува за различните злоупотреби на кои Његош бил изложен низ овие векови, особено во деведесеттите. Така да мислам дека со оваа претстава на Црногорскиот народен театар на најдобар можен начин со својот репертоар позиционира еден театарски уметнички проект кој е вонреден, кој не е класичен репертоар.“-изјави Јанко Љумовиќ-Директор на Црногорски народен театар.
Актерката Маја Пелевиќ вели дека атипичната претстава не и дава да зборува за некоја конкретна улога туку само како еден целосен проект.
„Со оглед на тоа дека проектот е работен како авторски проект, па не ни беа разделени улогите во текот на изведувањето. Сите на некој начин допринесовме во креирањето на текстот. Некаде и самите улоги настануваа на лице место, односно не беше тоа дека ние седнавме и низ класично драмско изведување одлучивме дека тоа така ќе изгледа, туку работевме минувајќи низ сеќавањата на Паоло.“-рече Маја Пелевиќ, актерка.
Музиката за претставата „Његош и јас“ е дело на охриѓанецот Љупчо Константинов. Вели дека музиката е избрана од композиции кои ги работел во периодот од 1984та до 90та година, односно периодот кога се запознал со режисерот Маџели.
„Со него во континуитет работиме веќе 30 години и секој проект што го работиме за мене претставува една нова возбуда, нови откритија, нови сознанија, нов чекор напред во она што се вика театарска уметност пред се.“-вели композиторот Константинов.
Инаку „Његош и јас“ е приказна за едно дете кое живее во минатото. Тоа не е сентиментална биографиј, туку сон кој навистина се случил. Тоа е приказна за млад човек од 29 години, италијанец кој лошо ги владее словенските јазици и не го познава големиот поет Његош. Претставата се одигрува денес на прекрасната сцена во Заливот на коските.
{loadposition content9}