Skip to main content

Нормални услови, а не луксуз бараат штитениците на дневниот центар за лица со посебни потреби „Добротољубие“

Дванаесетте деца кои го посетуваат дневниот центар, најголемиот дел од својот ден го поминуваат седејќи на стар и дотраен мебел, јадејќи на оштетени трпезариски маси.

 |  Мишел Наумоски  | 
dobrotoljubie
добротољубие

Ова се просториите во кои веќе девет години се згрижени штитениците од дневниот центар за лица со посебни потреби  „Добротољубие“. Мебелот, покуќнината, ѕидовите, санитаријата, времето ги излитило и нагризило, и по девет години постојана употреба, најголемиот број од елементите ја изгубиле својата функционалност или се во лоша состојба. И покрај тоа, 12те штитеници секојдневно седат на истите неудобни столчиња, ручаат на истите маси, и се занимаваат гледајќи телевизија на нешто што одвај личи на колор телевизор.

dneven centar doborotljubieОд здружението велат дека не бараат никаков луксуз, туку само нормални услови за своите штитеници. Не велат треба, туку ако може, да се соберат некои донации за доброто на децата.

„Да се реновира просторот во кој престојуваат децата, за да имаат потопол, позгрижен, посигурен простор за часовите што ги поминуваат тука. Во однос на некоја подобра врата, затоа што ова се што имаме веќе 10 години, може да претпоставите дека горе-долу се е оштетено, може да се донесат некои нови маси или бироа, да се со позаоблени агли, да не се повредуваат децата, затоа што имаме и со штаки и дете со оштетен вид, деца со колички, каде што тие агли од масите може да се опасни. Поудобни столчиња, тие поминуваат големо време пред компјутерите, убаво би било да имаат поудобни столчиња, санитаријата во тоалетот исто така е за менување.“-вели психологот во здружението, Марија Кочоска.

stitenici dobrotoljubieОд здружението освен што ги згрижуваат штитениците во текот на денот, тие се грижат и за нивниот превоз од домовите до просториите на здружението и назад, им обезбедуваат и два оброци во текот на денот и тоа без никаков надоместок.

„Освен што се тие згрижени, сакаме да им пружиме и нешто надвор од овие простории, да ги прошетаме, секоја година ги носиме на некоја екскурзија надвор од нашиот град, бидејќи нашиот град целосно го имаме прошетано и гледаме целосно да им го исполниме тој ден со сите можности што ќе ги понуди тоа место каде што ќе ги однесиме. Каде и да се обратиме и за автобус од Галеб или за исхрана што може да ни помогне таму да земеме со нас, досега граѓаните ни излегле во пресрет, не не вратиле и премногу сме благодарни за таа соработка што ја имаме долгогодишна, да не речам со истите луѓе долгогодишна соработка имаме.“-вели Кочоска.

Изминативе девет години, откако постои здружението, единствена финансиска поддршка добиваат од германската добротворна организација „Реновабис“. Помошта ја добиваат за период од три години, а на крајот од тој период, треба да достават извештај за сработеното како би можеле да добијат помош и за наредните три години. Вака „Добротољубие“ функционира девет месеци од годината, останатите три не работат, бидејќи за тоа немаат пари. Освен Марија, за доброто на штитениците во дневниот центар при црквата „Свети Ѓорѓија“, се грижат уште и лица кои помагаат за хигиената, за превозот, за финансиските работи, оброците како и медицинско лице.

{loadposition content9}