Нов пат Охрид – Св Наум бараат мештаните
Жителите од населените места долж магистралниот пат Охрид Св Наум, бараат нов асфалт и проширување на патот. Тоа им било ветено веќе неколку пати, а досега неисполнето. Тие укажаа дека постоечкиот пат е опасен и претставува магнет за сообраќајни незгоди.
Магистралниот пат Охрид – Св Наум е во многу лоша состојба. Големи дупки, уништен асфалт, застарени сообраќајни знаци, зарѓани и искорнати банкини а на критичните места и тесната коловозна лента, се само дел од опасностите кои ги демнат возачите на оваа сообраќајна делница. Овој пат е изграден далечната 1969 година и речиси 5 децении овој пат само се закрпува на одредени места. Ваквата состојба можеби е најлоша во населените места како што е тоа туристичката населба Пештани каде се почесто се случуваат сообраќајни незгоди. Мештаните бараат проширување на патот и нов асфалт.
„Имавме дадено апел уште на претходната власт, да се санираат дупките бидејќи е патот Охрид – Св Наум е многу прометен, така да ќе бараме или санација и ли изградба на нов пат како што вети претходната власт. Веќе четири пати се фалеа. Значи само се перат пари а од патот нема ништо“
„Патот моментално е во критична лоша состојба, се прават многу несреќи во лето има многу голем застој. Овде патот треба да се прави одново, магистрален пат е за Албанија. Зима е потешко, кога паѓа снег со денови не го чистат“
На овој проблем укажаа и граѓанските активисти. Есад Арслани вели дека бараат ангажман на локалната и централната власт, еднаш засекогаш да се стави крај на овој проблем.
„Патот од Охрид спрема границата за Албанија е многу тесен, катастрофален и се случуваат многу сообраќајни незгоди. Затоа бараме да се направи автопат од Охрид до Св Наум за да може и туристите да имаат покомотно движење“.
Инаку во изминатиов период имаше најава дека ќе се гради нов пат од Косел и да завршува кај граничниот премин со македонско – албанската граница. Тогашната Влада согласно сопствената програма имаше зацртано реализација на овој проект од 2013 до 2019, за што би биле вложени средства во висина од 70 милиони евра.