Skip to main content

Нов рок за изградбата на затворениот пливачки базен

По повеќе од една деценија од поставувањето на камен-темелникот, затворениот пливачки базен во Охрид сè уште чека да биде ставен во функција. Ново проектно решение е доставено во Општина Охрид, а градоначалникот Кирил Пецаков најавува тендер и очекува објектот да биде завршен во рок од една година.
 |  инфодеск  | 
Затворен базен

Повеќе од една деценија од поставувањето на камен-темелникот, затворениот пливачки базен во Охрид сè уште не е ставен во функција. Ново проектно решение е доставено во Општина Охрид, а по неговото одобрување треба да започне тендерска постапка за довршување на објектот. Според првичниот проект, затворениот пливачки базен е замислен како современ спортско-рекреативен комплекс со голем базен за пливање и ватерполо, помал базен за деца и непливачи, трибини со 500 седишта, фитнес, спа и велнес-центар, простор за пинг-понг, ресторан и комерцијално-административни содржини.

Градоначалникот Кирил Пецаков очекува базенот да биде готов во рок од една година.

„Веќе денеска е аплициран новиот проект во Општина Охрид за одобрување, со чим го одобриме следува и тендерската постапка за довршување на оние работи кои што не се завршени во затворениот пливачки базен и очекувам во рок од една година да биде завршен.”-вели Пецаков.

Изградбата на базенот започна во 2015 година, а првичниот рок за завршување беше 2018 година. Наместо тоа, проектот со години остана во застој, а во меѓувреме се менуваа роковите и решенијата. Последниот проблем се однесува на машинството, особено на системот за греење и функционирање на водата.

Пецаков најавува дека по изборот на изведувач, заедно со министерот за спорт ќе ги соопштат деталите за работите што остануваат.

„Кога ќе биде самата постапка започната, мислам на тендерската и изборот на фирма која што ќе го работи базенот, она што треба да се заврши, посебно машинството или начинот на кој што ќе се грее вода и така натаму, ќе имаме заедничка прес-конференција со министерот за спорт и сите детали ќе ги објавиме.” – вели градоначалникот.

Во меѓувреме, останува отворено и прашањето зошто Охрид добива 25-метарски, наместо олимписки базен. Пецаков смета дека станува збор за одлука донесена пред повеќе од една деценија, но во овој момент приоритет е постојниот објект конечно да биде завршен и ставен во функција.

Новинар Соња Рилковска