Летниот сообраќаен режим, нова атракција во Охрид
Граѓаните и туристите збунето кружат по градов незнаејќи кој правец да го фатат. Приказната за сообраќајниот хаос во градов ова лето не завршува со еднонасочните маки на граѓаните
Горе , долу, лево, десно. Ова не е рефрен од песна туку компарација за охридскиот сообраќаен режим. Откако новото сообраќајно решение од први јули стапи на сила, а со него најголемиот дел од улиците станаа еднонасчни, граѓаните на Охрид збунето кружат по градов незнаејќи кој правец да го фатат. За гостите пак движењето по охридските улици е нова туристичка атракција.
–Вртам кругови додека стигнам до дома, вели еден охриѓанец
-Не знам што е ова, ние сме туристи и не знаеме како да
стигнеме до апартманот, вели една битолчанка
-За да стигнам до дома влегувам во една улица, па излегувам од друга, па влегувам во трета, ова е вистински хаос
– Во градов веќе не се знае кој јаде кој плаќа, вели наш сограѓанин
Само после десетина дена од воведувањето на новиот сообраќаен режим се увидоа неговите недостатоци. Најдобар пример за тоа беше ул. „Македонски просветители“. Советот на Општина Охрид на седницата одржана на 31 Мај годинава донесе одлука за организирање на режимот на сообраќај со која за еднонасочна улица покраj останатите беше определена и Ул. „ Македонски просветители“ и тоа од пресекот со Булевар „Туристичка“ во насока према езерото до пресекот со улицата „Партизанска“. Но, со ваквото сообраќајно решение се создаде таков хаос по што локалците увидувајќи си го пропустот го тргнаа знакот за забранета насока. Но, се поставува прашањето како тоа оваа улица од еднонасочна повторно стана двонасочна без за тоа да се донесе одлука на совет.
Приказната за сообраќајниот хаос во градов ова лето не завршува со еднонасочните маки на граѓаните. Охриѓани и туристите доколку извозат по сообраќајниот лавиринт и стигнат до некој паркинг таму ги чека ново изненадување. Наместо 30 од џебот треба да извадат 50 ден.
–Тоа е тоа, што можиме да правиме, креваат раменици дел од граѓаните
-Секаде рампи имаат ставено и секаде се плаќа, срамота, вели изревотиран граѓанин
И ова решение е без одлука на совет, иако е добро познато дека за промената на висината на цената на јавните услуги мора да кренат рака градските избраници. Останува нејасно како концесионерот си ја определи цената од 50 ден за еден час. Граѓаните само можат да креваат раменици, да се чудат и да се прилагодуваат надевајќи се дека во иднина Локалната ќе носи подобри решенија.
{loadposition content9}