Skip to main content

Образование

Нов старт, за нова учебна година?

Владата треба да пресече кои од трите неофицијални предлози на синдикатите и наставниците за старт на новата учебна година, ќе ги прифати.
 |  Голабовски Крсте  | 
ученик

Дали ќе има нови термини за старт и финиш на учебната 2023/2024 година? Веќе извесен период иако без да биде официјализирано како предлог, Министерството за образование и наука е во интензивни консултации со синдикатите и наставниците, да достави три нови предлози за календарот на новата учебна година до Владата, информира Министерот за образование Јетон Шаќири.

„Дел од предлозите, ние како МОН, ги имаме слушнато и од родителите, дел од наставниот кадар, но повторно ќе кажам, за секој предлог ќе треба да одлучува Владата и ние како министерство ќе ги доставиме и ќе се одлучува како е добро за образовниот процес, но и во согласност со одлуките на наставниот кадар и на синдикатите“, – посочи Јетон Шаќири – Министер за образование и наука.

Првиот предлог е учебната година да започне како што беше до сега, на 1 септември, втората опција да почне на 11 септември, без пролетен распуст и да трае до средината на јуни, третиот предлог е да почне на 1 септември, да има пролетен распуст од 5 дена и учебната година да заврши средина на јуни. Според министерот, има доволно време за разгледување на трите предлози, за да се донесе конечен календар за една учебна година.

„Има доволно време. Знаете дека во текот на овој период, секоја година се донесува календарот за работа во една учебна година, кој потоа се одобрува во Влада. Мислам дека за секоја информација и одлука која ќе ја донесеме, ќе бидете известени. Јас очекувам оваа и другата недела, заедно со синдикатите, да ги завршиме конечно анализите кои се потребни, и тој предлог, ако синдикатите се задоволни од него, ќе биде. Доколку одлучиме за први септември, ќе биде петок. Доколку се одлучиме за втората варијанта, тоа е во средината на месец септември. Третата варијанта е почеток од 1 септември, но, исто така учениците да имаат пролетен распуст“, – објасни министерот.

Шаќири  објасни дека иако кај нас новата учебна година започнува на први септември, во други земји таа стартува подоцна. И за првиот човек на Синдикатот за образование и наука, Јаким Неделков новите предлози на МОН за почеток на учебната година на 11 септември и пролетен распуст, според првичните консултации, се прифатливи. Причини се повисоките температури во септември, како и цените на туристичките аранжмани кои во овој период се поприфатливи. Неделков подвлече дека пролетниот распуст пак, е нешто што одамна се применува во западноевропските земји.