Тимот на Јавната установа Национален парк „Галичица“, со поддршка од Истражувачкото друштво „Урсус спелеос“ – Скопје, во изминатиот период работеше на уредување и опремување на нова лабораторија. Со оваа лабораторија се подобруваат можностите за испитување на растителни и животински видови во заштитеното подрачје и влијанието на климатските промени врз нив, а воедно се зајакнуваат и управувачките капацитети на Националниот парк Галичица.
Новата лабораторија е подготвена во рамките на проектот „Заштита на пештерските екосистеми и загрозените растителни и животински видови во Националниот парк Галичица од негативните ефекти на климатските промени“, поддржан од Prespa Ohrid Nature Trust – PONT, а спроведуван од страна Црвен крст на Република Северна Македонија – Општинска организација Охрид и Истражувачко друштво „Урсус спелеос“ – Скопје, со поддршка од Национален парк „Галичица“.