Нова медицинска метода во Специјализираната болница за кардиоваскуларни заболувања во Охрид

ЈЗУ Специјализираната болница за превенција, лекување и рехабилитација на кардиоваскуларни заболувања во Охрид воведува интраваскуларна литотрипсија (IVL), метода наменета за третман на тешки калцифицирани наслаги во периферните артерии.
-Станува збор за Интраваскуларна литотрипсија (IVL) – најнапредната медицинска технологија во светот во моментов, позната како систем на Shockwave Medical, специјално наменета за третман на комплексни, тешки калцификати во периферните крвни садови. Оваа софистицирана интраваскуларна процедура овозможува безбедно разградување на калциумовите наслаги во внатрешноста на артериите. Технологијата користи тенок, специјализиран балон-катетер со различни димензии поврзан со генератор, преку кој се испраќаат кратки и прецизни звучни (акустични) бранови кои ги кршат калцификатите, објаснуваат од болницата.

Од болницата информираат дека стручниот тим, предводен од д-р Дејан Манчевски, раководител на одделот за перкутани артериски инвазивни процедури, ја воведува оваа метода како трета нова процедура во установата во период од една година.
-Ова е трета нова, револуционерна процедура која ја промовираме во рок од само една година, со што ја потврдуваме позицијата на нашата болница како лидер во воведувањето на најнапредните светски медицински третмани, велат од болницата.
Новата метода ќе овозможи третман на пациенти со напредни форми на периферна артериска болест (артериите на нозете), каде стандардните балон-процедури не се доволни поради екстремната тврдост на калциумот.
Со воведувањето на интраваскуларната литотрипсија, болницата продолжува со проширување на можностите за интервентен третман на периферните артериски заболувања и примена на современи медицински технологии.




