Нова сезона, стари проблеми
Мирисот на езерото, тишината, прекрасното зеленило околу хотелот Далјан, без здив ги остава туристите кои го посетиле овој дел од градот. Но за жал, ако влезот и пристапот до некој хотелско туристички капацитет е лицето на тој објект, ова место не може да се пофали со тоа, заради проблемите кои години наназад се натрупуваат околу уредувањето на пристапниот пат, кој ниту е осветлен, ниту пак исчистен од високата трева и џбунови.
Нова сезона, стари проблеми. За жал таква е сликата со хотелско сместувачкиот капацитет Далјан. Менаџерот Славица Стефановска вели дека од нивна страна се е подготвено за сезоната која кај нив веќе е почната бидејќи хотелот е полн со гости, но нагласува дека искрено жали што и оваа сезона се соочуваат со истите проблеми кои години наназад се провлекуваат.
„Немаме осветлување во 21 век на пристапниот пат, што е многу лошо, еве сега имаме гости кои што се глуви и ако треба да излезат на патот тие не слушаат, нема улично осветлување, не ја слушаат колата која што доаѓа и не можат да ја видат и навистина е голем проблем за нас како хотел“
Поставување на едно обично улично осветлување и не е некоја голема инвестиција која Локалната самоуправа треба ја вложи, смета Стефановска. Додава дека сепак тука не се работи само за хотел Далјан, тука е Извидничкиот Центар, има кампови, но за жал до ден денес ништо не е направено на тоа поле.
„Овде во хотел Далјан и неговата околина, паркот, е една прекрасна зелена оаза и едно делче каде што сеуште е недопрена природата и настојуваме така и да остане во иднина бидејќи нашите гости и нашата клиентела се такви гости. Ние работиме не само со лица со посебни потреби туку и со детски групи и поинаква клиентела“
Стефаноска и годинава со апел до надлежните, да помогнат во надминување на проблемите кои навистина се суштински, но смета дека се и обврска на градската власт да ги реши.