Новото поскапување на електричната енергија, од 1 јули годинава нема да ги поскапи туристичките аранжмани. Според хотелската асоцијација корекцијата на цената на струјата нема да предизвика нов ценовен удар. Малите потрошувачи или помалите фирми ќе добиваат слични сметки за струја како и досега. Оттука не се очекува поскапување на цените ниту во хотелското, ниту во приватното сместување.
„Оваа година имаме подобрени цени и се надеваме дека ова поскапување нема да е толку значајно и ќе помине полесно од минатата година. За разлика од минатата година сега речиси и нема хотел кој нема поставено фотоволтаични централи кои ја олеснуваат работата на хотелот со смалени трошоци за електрична енергија”, вели Крсте Блажески претседател на ХОТАМ.
Цените на аранжманите во ек на туристичка сезона на брегот на Охридското езеро во хотелите со 4 или 5 ѕвезди се движат од 40 евра до 60 евра ноќевање со појадок, што според ХОТАМ се уште се најевтини во регионот.
„Ние дестинациски каде што сме се уште сме една од поевтините дестинации ако се споредуваме со Хрватска, Црна Гора, Грција па дури и Албанија. Ние се уште сме од поевтина категорија на сместувачки капацитети. Услугите се на повисоко ниво”, додава Блажески.
Енергетската криза хотелскиот сектор силно ја почуствува лани кога салдата на сметките на крајот на годината на поголемите хотели останаа во негатива, поради огромните трошоци предизвикани од поскапувањето на електричната енергија.
Новинар Соња Рилковска