Новата градинка во Пештани не ги исполни првичните очекувања
Во новата градинка во Пештани која беше отворена пред два месеци бројот на дечиња помал од очекуваното. Тоа се должи на долгото се чекање да се отвори оваа група па многу деца кои биле на возраст од пет до шест години сега не се запишале бидејќи од наесен ќе започнат да одат на училиште. Директорката Розе Костоска е убедена дека интересот за запишување во градинката во Пештани ќе расте бидејќи на почетокот родителите биле скептични и за запишување на своите деца во истурената паралелка во Радојца Новичиќ, Велгошти и Лескоец.
Новата градинка во Пештани која беше отворена пред два месеци во склоп на ОУ „Св Наум Охридски“, не ги исполни првичните очекувања. Според анкетата која беше направена во оваа дисперзирана група на градинката „Јасна Ристеска“ требаше да бидат запишани 25 дечиња, а сега има само 12. Нормативите за успешно работење на една група се од 15 до 20 деца.
Причина за тоа што долго време се чекаше за да се отвори оваа група па многу деца кои беа на возраст од пет до шест години сега не се запишаа бидејќи од наесен ќе започнат да одат на училиште. Еден дел од родителите кои беа заинтересирни за запишување на своите деца се иселија во странство или во градот, вели Розе Костоска, директор на ЈОУДГ „Јасна Ристеска“.
Директорката кажува дека шест деца кои веќе биле запишани во градинката во Охрид а кои се на возраст на шест години таму и останале бидејќи ова им е последна година па не сакаат да ја менуваат средината. Костоска објаснува дека допрва ќе доаѓаат нови генерации на деца кои ќе се зпишуваат во градинката во Пештани.
Згрижените деца во овој момент ги чуваме до 13 часот бидејќи немаме персонал кој ќе работи во кујна, а поради малиот број на деца немаме ни економска оправданост да отвараме кујна. Имаме проблем и со транспортот на храна бидејќи имаме само едно комбе и затоа родителите се известени дека нивните деца ќе бидат со полудневен престој, вели Костоска.
За полудневен престој родителите плаќаат по 806 ден. месечно. Во оваа градинска група се ангажирани една негователка и една воспитувачка. Групата е хетерогена и има деца на возраст од две до шест години. Костоска е убедена дека интересот за запишување во градинката во Пештани ќе расте бидејќи на почетокот родителите биле скептични и за запишување на своите деца во истурената паралелка во Радојца Новичиќ, а сега групата брои 24 дечиња, а во Велгошти и Лескоец норнмативите се веќе надминати и има деца кои се на листа на чекање.