Нови наслови во НУ Библиотека „Григор Прличев“ – Охрид
Овој пат во понудата на НУ Библиотека „Григор Прличев“ од Охрид се познати автори и книги, меѓу кои има и книга од македонски автор.
Овој пат во понудата на НУ Библиотека „Григор Прличев“ од Охрид се познати автори и книги, меѓу кои има и книга од македонски автор.
“Бронзениот коњаник” од Паулина Сајмонс во издание на издавачката куќа Сакам Книги е во два дела; првиот дел од серијалот е со наслов “Ленинград”, а насловот на втората книга е “ Златната порта”.
Неповторлива приказна за љубовта, војната и Русија. Ленинград, 1941 година. Проѕирниот самрак на белите ноќи и понатаму го чува златниот сјај на раскошот од минатите денови. Величествените споменици на царскиот град со славно минато гордо му пркосат на општото сивило на Сталиновата Русија – но и на непријателот кој се поупорно тропа на врата. Почетокот на војната на Татјана Метанова и носи случајна средба со Александар, млад офицер на Црвената Армија. Не знаејќи дека токму тој е избраникот на нејзината сестра Даша, Татјана се заљубува во него. Пламенот на забранетата љубов бликнува со незадржлива сила, непоколебливо спротивставувајќи се на сестринската приврзаност и лојалност. Во окупираниот град кој се потешко го задржува привидот на нормалниот живот, Александар ќе стане нивна единствена надеж за спас. Но, неговото мистериозно минато и погубната тајна која ја крие ќе им донесе нови неволји. Во време која секој нов ден е потполно неизвесен, Александар и Татјана го градат својот свет од украдени моменти, скриени погледи и прошепотени нежности. И додека околу нив се испишуваат најважните страници од руската историја, двајца млади се борат за својата љубов, бидејќи само таа може да им донесе избавување. “Вистински бисер меѓу романите” – The Guardian.
“Господин вообразен” – Вај Киленд и Пенелопи Вард од издавачката куќа Сакам Книги.
Патувајќи со воз, Сораја го слуша привлечниот млад маж како немилосрдно гласно разговара на својот мобилен телефон. Неколку минути потоа, Сораја забележува дека мобилниот телефон паднал на земја додека младиот човек излегувал од возот. Не можејќи да одолее таа ги разгледува неговите слики на мобилниот за да дознае нешто повеќе за него пред да му го врати. Наскоро почнуваат да разменуваат пораки зачинети со хумор и пред се’ со неодолива привлечност.
Тој е арогантен, а таа не се плаши да го спушти на земја. Вај Киленд се наоѓа на првото место на топ-скалата на New York Times со преку милион продадени примероци, додека Пенелопи Вард е најпродаваната авторка на New York Times, USA Today и Wall Street Journal.
”Брезите што шумеа крај Темза” – Катерина Серафимовска. Книгата е во издание на “ Арс Либрис”, дел од “Арс Ламина – публикации”.
Дејството во ”Брезите што шумеа крај Темза” почнува во крајбрежна вила во Брајтон, Источен Сасекс и првично нуди визуелна контемплација кон Ламанш и кон француското копно, кое што само се наѕира низ маглата отспротива. Гласот на нараторот на приказната е машки, на главниот протагонист Еди Ли (Едвард Лијам Адамски). Катерина Серафимовска веќе три децении е присутна на македонската книжевна сцена и автор на десет досега објавени книги. ”Брезите што шумеа крај Темза” е нејзиното најново остварување. Станува збор за слоевит роман во кој се испреплетуваат љубовта, страста, амбициите, себепронаоѓањето и простувањето.
“Мртво тело во библиотеката” од Агата Кристи во издание на “ Арс Либрис”, дел од “Арс Ламина – публикации”. Седум часот наутро. Бантри се буди и наоѓа мртво тело на млада жена во својата библиотека. Жената е облечена во вечерен фустан со шминка на лицето. Но која е таа? Како се нашла тука? Во каква врска е со другата убиена млада жена чие тело е пронајдено во напуштен каменолом?
“Последниот ритуал” – Ирса Сигурдардотир, Антолог, Скопје.
Ирса Сигурдардотир е наградувана исландска писателка чии романи се преведени на повеќе од триесет јазици. Најпрво пишувала романи за деца, а во 2003 година ја освоила Исландската награда за книжевност за деца.
На универзитетот во Рејкјавик е пронајден машки труп со извадени очи и со чудни симболи исцртани на неговите гради. Полицијата не губи време и почнува да апси, но семејството на германскиот студент не е убедено дека е фатен вистинскиот човек. Затоа ја најмува Дора Гудмундсдотир, секски-адвокатка и самохрана мајка на две деца која е и главниот лик во крими-романите на Ирса да го истражи случајот.
“Четирите ветришта” од писателката Кристин Хана во издание на издавачката куќа Сакам Книги.
“Четирите ветришта” е богат роман кој восхитувачки ја оживува Големата депресија и луѓето кои ја преживеале истата. Сведоштво на надежда, отпорноста и силата на човечкиот дух да ги преживее неволјите, романот “Четирите ветришта” е портрет на Америка и американскиот сон виден со очите на една нескршлива жена чија храброст и жртва ќе станат дефиниција за една цела генерација. Тексас, 1934 година. Милиони се без работа и невидена суша ги пустоши Големите рамнини. Фармерите се борат да ја зачуваат својата земја, воедно и својата заработувачка за живот, но жетвата пропаѓа. Во ова несигурно и опасно време, Елза Мартинели – како и многу од нејзините соседи-мора да донесе претешка одлука; дали да се бори за земјата која толку ја сака или да замине на запад, во Калифорнија, во потрага по подобар живот.
Најновите наслови како и сите останати книги и публикации читателите можат да ги зајмат секој работен ден од понеделник до петок од 08.30 – 18.30 часот. Годишната членарина за возрасни е 300 а за ученици 200 денари.