Skip to main content

Нови откритија на локалитетот Пенелопа во Охрид, траги од животот во доцниот неолит

За првпат со систематски сондажни истражувања се откриваат слоевите на наколната праисториска населба „Пенелопа”, со наоди кои сведочат за животот на луѓето во доцниот неолит. Керамика, камени и коскени орудија, семиња и зачувано дрво, археолозите сега ја составуваат приказната за една древна населба покрај Охридското Езеро.
 |  инфодеск  | 

Керамика, камени орудија, кремени сечила, коскени алатки, семиња, уметнички творби фигурини и остатоци од дрво и коски од животни, траги од секојдневието на луѓето кои живееле во Охрид во доцниот неолит.

Ова се новите откритија пронајдени на археолошкиот локалитет „Пенелопа”, каде за првпат се вршат систематски сондажни истражувања на наколната праисториска населба.

Луѓето на ова тло околу 5.000 година пред нашата ера живееле во организирана населба, се занимавале со земјоделие и одгледување животни, а храната ја дополнувале и со она што го нудело езерото.

„Неолитот, или младо камено време, е период кога луѓето за прв пат почнуваат да живеат во организирани населби и да се занимаваат со земјоделие и одгледување на животни. Тој начин на живот прво се јавува во Анатолија, денешна, околу 9-10.000 години пред нашата ера и постепено се шири на запад, а најраните неолитски локалитети во Европа се на Балканот. Ова не е најрано, ова е веќе доцен неолит, но имаме порани локалитети низ државата и во државите во регионот.” -изјави АНДРЕЈ МАЧКОВСКИ – археолог и дендрохронолог.

Локалитетот „Пенелопа” е познат од раните 2000-ти, кога при изградба на објекти биле откриени првите остатоци од наколната населба. Сега, за првпат, истражувањето се врши систематски, со сонда и следење на археолошките слоеви.

Прелиминарно, истражуваните слоеви се определуваат како доцен неолит, околу 5.000 година пред нашата ера. Допрва следуваат анализи кои треба попрецизно да ја утврдат староста.

Особено значајно е зачуваното дрво, благодарение на влажната средина покрај езерото.

„По истражувањето, сондата ќе се врати во првобитната состојба, значи ќе ја затрупаме и тоа е заштитата на локалитетот, бидејќи се работи за органски материјал, колци. Движниот археолошки материјал го дислоцираме во музеј, се конзервира, се истражува, примероци се земаат за лабораториски истражувања.” – изјави ПЕРО АРЏАНЛИЕВ – археолог.

Меѓу наодите има и фигурини, керамика со врежана декорација, камени орудија, мала секирка, кремени сечила, коскена игла и животински коски, материјали кои даваат слика за секојдневниот живот на неолитската заедница.

Вредните археолошки наоди ќе бидат пренесени во музејот, каде што ќе бидат конзервирани и дополнително истражувани, а секој зачуван предмет ќе помогне да се открие уште еден дел од животот на луѓето кои живееле покрај Охридското Езеро пред илјадници години.

Новинар Соња Рилковска