Нови тарифи и построги контроли на такси-превозот во Охрид
Денеска стапува во сила одлуката на Советот на Општина Охрид за зголемување на цените на такси-превозот. Со новите тарифи се предвидува поскапување по изминат километар, додека надлежните воведуваат и дополнителни мерки за спречување злоупотреби и поголема заштита на патниците.
Според новата одлука, граѓаните и туристите во Охрид ќе плаќаат повисоки цени за такси-превоз односно стартната цена останува 50 денари, но цената за секој изминат километар се зголемува на 50 денари преку ден. Во ноќниот период, стартот ќе изнесува 100 денари, додека цената по километар останува 50 денари.
Претходно, такси-превозот чинеше 35 денари по километар во дневниот период и 45 денари во ноќните часови, што значи дека најголемото поскапување се однесува на дневната тарифа.
Покрај ценовните измени, локалните власти воведуваат и мерки за спречување на злоупотреби. Таксиметрите ќе бидат задолжително баждарени и технички заштитени, со што се оневозможува нивно манипулирање од страна на возачите. Дополнително, се предлага ценовниците да бидат јавно истакнати на видливо место на возилата, со цел патниците да имаат јасен увид во тарифите.
Од такси-компаниите кои работат согласно прописите велат дека ваквите мерки се неопходни, бидејќи нелојалната конкуренција и практиката на договарање цени со патници наместо користење таксиметар сериозно го нарушуваат угледот на Охрид како туристичка дестинација.


