Новинарите и обвинителите ја подобруваа соработката
Викендов во хотел Тино во Охрид се одржува работилница на тема „Практиката на Европскиот суд за човекови права и на јавното обвинителство на Македонија со случаите за медиумска слобода“. Обуката ја следеа новинари кои известуваат за темите кои се поврзани за судството со посебен фокус на јавнита обвинители.
Новинарите и обвинителите два дена во Охрид расправаа како да се подобри комуникацијата на овие две професии што е предуслов за поголема заштита на човековите права и слободата на изразување. Претседателот на ЗНМ Насер Селмани посочи дека, само добро обучени и информирани новинари за своите права и одговорности можат професионално да ја обават новинарската професија. Тој додаде дека праксата на Европскиот суд може да им помогне да не прават грешки и да не ги прекршуваат правата на другите. Селмани рече дека работилницата во Охрид е во насока на зајакнување на започнатиот дијалог меѓу новинарите и обвинителството, што е од посебен интерес за заштитата и промоцијата на слободата на говорот во Македонија, за која нагласи дека не е на завидно ниво.
„Она што нас не загрижува е што и полицијата и обвинителството и судот се однесуваат на некој начин некоректно кон новинарите. Од една страна кога тие се на обвинителна клупа се обвинуваат за разни непоткрепени обвиненија и во тие случаеви се многу ефикасни за да ги осудат новинарите и постојано да ги влечат по судовите, а од друга страна кога новинарите се појавуваат како жртва во постапките, институциите или воопшто не покренуваат постапки или тие предмети ги влечат со години по лавиринтите на обвинителството или судството и затоа оваа практика мора да прекине“
Соработката меѓу новинарите од една страна и судиите и обвинителите од друга, е од огромна важност бидејќи тие се заштитници на нашата слобода, истакна Амбасадорот на Франција во Македонија Кристијан Тимоние. Тој рече дека одбраната на принципите содржани во Европската конвенција за човекови права секогаш треба да бидат приоритет во работата и на двете професии, бидејќи врз нив се темелат европските вредности.
„Ова место претставува симболичен момент на обединување на двете страни. Новинарите искусија тешки моменти во минатото, но сепак покажуваат интерес и сила за понатаму и се исправаат пред интересите економски на Владата и обратно“ .
Заедничката обука на новинарите и обвинителите за праксата на Европскиот суд за човекови права е реализирана со поддршка на Фондацијата „Конрад Аденауер“ . Целта на истата е да ги прошири нивните знаења околу рамката каде започнува и каде завршува слободата на говорот. На работилницата собирот во Охрид беше заклучено дека има потреба од почести директни средби меѓу претставниците на медиумите и јавното обвинителство заради подобрување на комуникацијата во работењето и на тој начин подобрување на информирањето на граѓаните.