Новиот дел од охридската библиотека ќе биде отворен в година
Новиот дел од охридската градска библиотека ќе биде отворен в година.
Новиот дел од библиотеката НУ „Григор Прличев“ ќе се пушти во употреба дури следната година. Објектот во кој порано беше сместена дирекцијата на Фестивалот Охридско лето се адаптира веќе 4 години. Отстапувањето на објектот на градската библиотека се случи во 2013 година, а објектот сеуште не е готов. Работите закочиле кај изработката на мебелот со кој треба да се опреми библиотеката и тоа заради технички пропуст во тендерот, информира директорката на библиотеката Александра Белеска. Во изминатите две години се работеше интензивно на објектот. Се обнови фасадата, а внатрешно целосно просторот е прилагоден според стандардите за функционирање на една библиотека, вели Белеска.
„Постапка кај која застанавме и во следниот период ќе биде изработен е мебелот. Во месец јуни аплициравме за следната година да ни биде одобрена изработката на мебелот. Веруваме дека проектот ќе ни се одобри и библиотеката ќе се всели во новиот простор. Треба да се изработат полици, сталажи, бироа и целосно да се опреми просторот кој е потребен за работата на библиотеката“, укажува Белеска.
Националната установа градска библиотека Григор Прличев засега функционира на 300м квадратни, а со новиот објект ќе се добијат дополнителни 300м квадратни, со што библиотеката со површина од 600м квадртани ќе ги исполни условите за библиотечно работење, кажува Белеска, а притоа додава и за идните планови.
„Нормално ќе се залагам во иднина двата објекти да бидат функционално поврзани. Новиот е одлично прилагоден за нашите потреби, а верувам дека и делот во кој сега функционираме ќе се обнови и ќе се залагам за физичко поврзување на двата објекти“, напоменува Белеска.
Инаку, во новиот адаптиран простор ќе бидат сместени одделите за возрасни и за деца, со читални и пулт за изнајмување книги. Во просторот каде што сега функционира библиотеката пак, ќе бидат сместени книгите и читалната за ретките изданија и книгите кои се за внатрешна употреба.