Новиот сој Омикрон излолиран кај стружанец
Во Охрид, пак, засега не е откриен новиот сој, но се евидентира зголемен број на семејни кластери инфицирани со ковид 19. Има пораст и на заболени деца во училиштата и детските градинки, информираат од Центарот за јавно здравје.
Новиот сој Омикрон изолиран и во нашиот регион. Епидемилогот д-р Јованка Стурлакова Коровешоска од Центарот за јавно здравје Охрид, информира дека во декември го изолирале новиот сој на вирусот кој брзо се шири во светот.
Омикрон не е изолиран во Охрид, но има случај во Струга. Изолиран е кај едно лице во Струга пред една недела. Од овде е, но дошол во контакт со роднини од странство – истакна Стурлакова Коровешоска.
Во општина Охрид расте бројот на семејни кластери инфицирани со ковид 19, укажува на епидемиолошката состојба д-р Стурлакова Коровешоска. Станува збор за кластери кои се заразиле со ковид 19 на домашни слави кои ги има повеќе во месец декември.
Има зголемен број на инфекции со ковид 19 во училиштата и градинките. Има позитивни деца, воспитачки, учители. Позитивните ги кријат контактите и понатака, што се оневозможува да дојде до прекин во ширење на инфекциите. Нашиот предлог беше наставата да се одвива онлајн барем во последниве две недели од декември, но не беше прифатен предлогот. Очекуваме со зимскиот распуст да има намален број на заразени меѓу децата – вели Стурлакова Коровешоска.
Инфицираните лица се со полесна клиничка слика што се должи на големиот број имунизирани граѓани во Охрид, а има и голем процент на охриѓани кои се ревакцинирале со трета доза. Сите смртни случаи настапиле кај невакцинирани лица, соопштува епидемилогот. Препорачува, во претстојните празнични денови граѓаните да ги избегнуваат собирите во затворен простор, задолжително да носат маска во затворен простор, а оние кои ќе имаат симптоми на респираторна инфекција веднаш сами да се изолираат.