Новите градби го нарушуваат автентичниот лик на Охрид
Се губи автентичната архитектура во Охридскиот регион. Масовната урбанизација со години го менува ликот на градот. Се градат станбени објекти со различна катност, нетипично обликување и бои на фасади, употреба на современи материјали неадекватни за регионот. Се девастира и старото градско јадро. Се менуваат улиците, се употребува многу пластика која ја нарушува автентичноста.
Според архитектите со години затајува контролата, а во преден план се личните интереси на поединци.
„Крајбрежиево е лукративно однесување на одредена структура на луѓе кои сакаат да инвестираат пари од причини да заработуваат. И затоа се јавуваат три, четири, пет висини што е необично нелогично па дури и штетно. Треба да се внимава на изборот на материјалите, на својството на материјалите, на начинот на нивно поставување сето тоа за да добиете една компактна целина и еден впечаток за еден град” , вели Димитар Зарчев архитект.
Урбанизацијата е една од клучните забелешки на УНЕСКО, високите објекти во крајбрежната линија според еколозите предизвикуваат климатски промени.
„Многу се гради и се посегнува према обалата на Охридското Езеро, масовно се гради. Потребна е регулација, Службите треба да си ја работат работата. Јужната страна од Охридското езеро треба да биде помалку загрозена за да може да имаме јужно струење кон градот”, вели Лазе Наумоски еколог.
Автентичната градска архитектура е сочувана само на заштитените објекти во Стариот град на Охрид, но во Струга состојбата е уште полоша. Таму воопшто не е впечатлив амбиенталниот архитектонски стил од минатото, кој бил белег на градот. Закони постојат, но според архитектите проблемите се таложат со години бидејќи не се знае кој е надлежен за одобренија, а кој за контрола.
Новинар Соња Рилковска