Ново фудбалско игралиште во Лескоец-ветија од ВМРО-ДПМНЕ
„Фудбалското игралиште во Лескоец е целосно руинирано затоа што Петрески не издаде градежна дозвола за истото“-вака обвини кандидатот за советник од ВМРО-ДПМНЕ, Тони Коталески.
Кандидатите за советници од редовите на ВМРО-ДПМНЕ денес ги посетија Лесковчани. Цел на нивната посета беше фудбалското игралиште во ова населено место за кое констатираа дека е целосно запуштено и руинирано.
Тони Коталески, кандидатот за советник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ кој воедно потекнува од овој крај, рече дека Владата на Република Македонија преку Агенцијата за млади и спорт одобрила 154.000 евра за изградба на ова игралиште, но локалната самоуправа и градоначалникот Петрески тоа не го прифатиле и го оставиле неизградено.
„Фудбалскиот клуб од Лескоец не постои поради тоа што не е изградено игралиштето, а единствена причина што не е изградено игралиштето е недобивање на градежна дозвола од страна на градоначалникот Александар Петрески, исто така со допис до Агенцијата за млади и спорт, градоначалникот Александар Петрески ја одби донацијата под изговор дека не се потребни вакви игралишта за Охрид и за Лескоец.“-рече кандидатот за советник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Тони Коталески.
Коталески додаде дека поради состојбата во која се наоѓа ова игралиште, фудбалскиот клуб од Лескоец три години настапувал во третата лига притоа користејќи го игралиштето во Косел.
„Идната локална власт, на чело со д-р Никола Бакрачески и тимот од ВМРО-ДПМНЕ, во најкратко време, во најбрз можен рок ќе го изгради ова игралиште по сите стандарди, повторно ќе се врати екипата од ФК Лескоец и ќе се надеваме на успеси.“-вели Коталески.
Коталески воедно ги слушна и проблемите на Лесковчани. Тие се пожалија на недоизградена канализација, но и за состојбата со Домот на културата во Лескоец.
{loadposition content9}