Новогодишен лампион за возачите
Новогодишен лампион за возачите. Вака денес СВР на граѓаните и туристите во Охрид им ги честита Новогодишните празници. Оваа активност се спроведува за прв пат од оваа година на иницијатива на портпаролот на СВР Охрид м-р Стефан Димоски во соработка со синдикатот на полицијата.
СВР пријатно ги изненади возачите. Имено денес на ул Македонски Просветители, полициски службеници застануваа возила со цел да им подарат по еден новогодишен лампион. Дел од возачите беа збунети, но сепак пријатно изненадени.
„Триесеттина години сум возач и прв пат пријатно сум изненаден од полицијата, ова не сум го доживеал“.
Иницијативата ја покрена портпаролот на СВР – Охрид м-р Стефан Димоски, а ја реализира во соработка со полицискиот синдикат. Воедно тој на сите возачи и туристи кои моментално престојуваат во Охрид им посака многу здравје и успеси на личен и деловен план во престојната 2014 година.
„Ова претставува еден обид ние како полиција да направиме уште еден обид и форма да се приближиме до граѓаните да се обидеме да стекнеме нивната доверба и на тој начин да им укажеме дека всушност работиме во интерес на граѓаните и сме посеветени кон нив. “
Димоски потенцира дека од денеска па се до 25 јануари идната година во Охрид ќе има уште една патрола која ќе работи заедно со нивната. Станува збор за двајца полициски службеници од МВР Србија. Димоски смета дека нивното присуство ќе допринесе да се зголеми степенот на безбедност во градот за време на престојните празници.
„Нивната задача ќе биде заедно со македонските полициски службеници да се грижат за безбедноста на граѓаните и во тој контекс за безбедноста на туристите од Србија кои во Охрид ќе ја поминат Новогодишната ноќ и ќе ги прослават новогодишните празници тука. Ова го правиме не случајно бидејќи нашето искуство од нивната работа и мешаните полициски патроли на македонската со српската полиција се поволни. “
За крај Димоски нагласи дека Охрид е безбеден град. Додаде дека граѓаните и туристите слободно можат безбедно да се чуствуваат посебно за време на празничните денови бидејќи се доволно екипирани на терен како за сообраќајот така и во делот за обезбедување на јавниот ред и мир.
{loadposition content9}