Новогодишните празници бериќетни за охридските угостители
Новогодишните празници бериќетни за охридските угостители. Сега интензивно се подготвуваат за Бадник и Божик. Најмногу гости очекуваат за Водици кога Охрид е центарот на оваа верска манифестација. Цените остануваат исти, а понудата уште побогата.
Охридските угостители со позитивни впечатоци од тоа како изминаа новогодишните празници. Локалите полни, понудата разновидна, а гостите задоволни. Најважно од се е дека во сите угостителски објекти забавите поминале без никакви инциденти, вели Михаил Мишев, претседател на еснафот на охридските угостители. Покрај домашните еден добар процент од гостите беа од странство што ни дава за право да се надеваме дека ќе имаме успешна летна сезона, додава тој.
Јас не можам да разберам од каде доаѓаат такви дезинформации. Ние навистина не вршиме ама баш никакви корекции на цените. Тоа може да се види и според реакциите на присутните гости кои беа за време на празнициве. Никакви отстапки, никакви поскапувања не се направени за празниците. Имаше аранжмани кои беа дури поевтини од вообичаено, вели Мишев.
Охридските угостители се подготвени и за божикните празници иако во тој период доаѓаат помалку гости во градов бидејќи најчесто граѓаните сакаат да останат дома. Но има гости кои доаѓаат од соседството па Мишев вели дека понудата и услугата ќе биде на највисоко ниво. Во кафетеријата Аквариус традиционално во овој период од годината организираат и повеќе хуманитарни акции, а собраните средства се наменуваат за реализација на некои проекти кои се од интерес на ранливата категорија на граѓани.
Хуманитарните акции се планирани. Но според едно наше согледување одлучивме да не се во склоп на овие празници. Тие остануваат во нашата агенда, но Божик и Бадник се претежно семејни празници и најчесто се останува во кругот на семејството, вели Мишев.
Најмногу гости се очекуваат за Богојавление- Водици кога нашиот град е центарот на оваа верска манифестација па угостителите уште од сега се подготвуваат за овој ден. И годинава традиционално ќе се служи бесплатно топла ракија, а цените остануваат исти како во текот на целата година.