Новогодишната забава по повод свечениот дочек на Новата 2026 година на Градскиот плоштад „Свети Климент Охридски“ во Охрид ќе понуди целодневна музичка програма и забава за сите генерации.
Загревањето на атмосферата започнува уште од 15:30 часот со настап на DJ Ace, по што од 20 часот следува музички перформанс на DJ Yuxell, со кој официјално започнува вечерната новогодишна програма.
Од 21 часот публиката ќе ја забавува Ѓоко Танески, а од 22:20 часот за веселата празнична атмосфера ќе се погрижи охридската фолк икона Ефто Пупиноски. Круна на вечерта ќе биде настапот на македонската поп ѕвезда Влатко Лозаноски, кој на сцената ќе излезе во 23:45 часот, додека забавата ќе продолжи и по полноќ со сетот на DJ Bagzi од 01:15 часот.
Со богата програма и разнолик музички избор, Охрид и оваа година ќе ја пречека Новата година со целодневна забава, музика и позитивна енергија на градскиот плоштад.