Skip to main content

Дочек на нова 2023 година

Новогодишна забава со домашни пејачи во Охрид

Домашни и охридски естрадни ѕвезди ќе ги забавуваат гостите на градскиот плоштад за Новогодишните празници. Меѓу имињата на музичарите се охриѓаните Петар Нечовски, Ѓоко Танески, групата Камелеон. За организираниот дочек на празниците општина Охрид издвои 2 милиони денари.
 |  Валентина Неловска  | 
Охрид украсен

Охрид е подготвен за дочек на Новогодишните празници. Осветлен и декориран, градот е подготвен да им приреди незаборавна забава на охриѓани и гостите кои ќе бидат на градскиот плоштад за дочек на новата 2023 година. Загревањето на новогодишната атмосфера ќе започне на 31 декември на градскиот плоштад „Св. Климент Охридски“ со програма прилагодена за најмладите. Музичка програма ќе има хорот на КУД Ѓердан, ќе следуваат новогодишната театарска претстава „Дружината на Дедо Мраз“ и мјузиклот „Трите прасиња“. Во 20 часот ќе почне забавната програма, информира градоначалникот Кирил Пецаков, за новогодишната програма за која се погрижи Локалната самоуправа.

На плоштад ќе настапат Петар Нечовски, Татијана Стефаноска, Ѓоко Танески, Ефто Пупиноски, Миле Кузмановски и диџеите Багзи и Јана Слеј. Со овие ѕвезди ќе ја дочекаме Нова 2023 година. Новогодишната програма продолжува на 1-ви јануари напладне. За забавата ќе се погрижат Марија Савеска и групата Камелеон – истакна градоначалникот Пецаков.

Градоначалникот очекува да привлече внимание и проектот „Повторно Евергрин“ кој ќе го изведат Лидија Кочовска, Влатко Груески и Андреја Наунов.

За Новогодишните празници од буџетот на општината се издвоени 2 милиони денари. Очекуваме бројни туристи од земјава и странство и она што можам да ветам е весел и незаборавен дочек за 2023 година на градскиот плоштад во Охрид. Ги поканувам сите сограѓани и добронамерници да бидат дел од оваа убава новогодишна забава во нашиот прекрасен град – вели Пецаков.

Покрај организираниот дочек за Новогодишната ноќ, општина Охрид ќе се погрижи и за незаборавен престој на гостите и за верскиот празник Богојавление кој се одржува на 19 јануари.

Она што е потврдено во моментов е дека по чинот на фрлањето на светиот крст во езерските води на 19 јануари на плоштадот „Св.Климент Охридски“ ќе настапи групата „Чалгија Саунд систем“ – додаде Пецаков.

Градоначалникот оптимистички најави дека во Охрид за претстојните празници ќе има бројни туристи од соседните земји и секако домашни гости.