Новогодишните дрвени тезги се модифицираат
И денеска нови модификации на новогодишните тезги на плоштадот Крушевска република.
И денеска нови модификации на новогодишните тезги на плоштадот Крушевска република. Само 24 часа после нивното поставување дрвените тезги претрпуваат измени. Денес затекнавме како вработени од ЈП Охридски пазар поставуваа шиндра на тезгите. Додека пак дел од закупците, за да создадат повеќе продажен простор за изложување на новогодишните украси, поставуваа дрвени летви.
„Па како што е кажано од градоначалникот така да се средат, да личат на тезга, да немаме проблеми со луѓево, бидејќи така рекоа дека не биле добри, ќе дојдат гости за да биде убаво. Луѓе сме можеби утре ќе врне мора да ги обезбедиме. Прво ни кажаа дека ќе ни ги дадат тезгите не мислевме дека вака ќе дојде после дојде некое време се предомислија и така тоа е“– велат закупците
И покрај укажувањата на директорот на ЈП „Градски Пазар“, Тони Коталески и апелот од Локалната самоуправа да нема поставување на најлони кои што ја грдат сликата на овој простор, истите сеуште можат да се забележат на тезгите. Нивната употреба закупците ја правдаат со потребата од заштита од дожд и ветер. Локалната по се изгледа треба да изнајде решение кое ќе му даде убав празничен лик на плоштадот но кое ќе биде и функционално прифатливо за продавачите на честитки, украси и други новогодишни реквизити. Желбата на охриѓани да купуваат во еден убаво уреден Новогодишно- Божиќен саем останува да се реализира следната година.