Skip to main content

Планинарење, велосипедизам, параглајдеризам

НП Галичица работи на развој на одржлив туризам

НП „Галичица“ работи на развој на одржлив туризам. Планинскиот масив изобилува со голем потенцијал за алтернативни типови туризам. На територијата на паркот живеат околу 5 500 жители. Со нив постојано се работи на подигнување на свеста за заштита и грижа на природните богатства.
 |  инфодеск  | 
Нп галичица

Националниот парк „Галичица’ работи на развој на одржлив туризам. Изработена е стратегија за развој на туризам која е во согласност со Планот за управување со Охридскиот регион. Планинскиот масив изобилува со голем потенцијал за алтернативни типови туризам. Планинарење, велосипедизам, параглајдеризам.

Во рамките на Националниот парк има 240 км обележани патеки од кои 40 км за велосипедизам.

Природните карактеристики на регионот, големиот биодиверзитет, чистата природа, релативно чистата би рекол, но исто така многубројните културни споменици кои се наоѓаат во или околу територијата на паркот се исто така потенцијали кои што ние сакаме да ги искористиме и се обидуваме да ги вметнеме во понудата. Летањето на параглајдери или параглајдеризмот е уште еден аспект на развој на туризмот – вели Константин Здравески, соработник за алтернативни активности.

Нп галичица

На територијата на паркот живеат околу 5 500 жители. Со нив постојано се работи на подигнување на свеста за заштита и грижа на природните богатства. Има седум ренџери чувари, а поставен е и видео надзор.

Сите вработени во НП се вклучени, но секако дирекно се вклучени чуварите на паркот, кои се седум, а територијата на паркот е 24 000 хектари. И останатите вработени кои работат во установата се вклучени директно или индиректно во решавањето на овие проблеми меѓутоа најдиректно се чуварите на паркот. Е сега кога имате толку голема територија и 7 чувари кои што треба да се грижат за спроведување на законот 24 часа можете да замислите дека тоа не е и така ефикасно како што би требало да биде. Меѓутоа со соработка со локалното население имаме драгоцени информации кои ни го намалуваат времето и трошоците за одење на терен – додава Здравески.

Ниската еколошка свест е еден од клучните проблеми, само лани во паркот беа мапирани и исчистени 30 депонии од градежен шут.

НП „Галичица“ е единствениот национален парк во земјава кој не се финансира од производство на огревно дрво, сите средства се генерираат преку туризам.

Новинар : Соња Рилковска