Skip to main content

НУ Библиотека „Григор Прличев“ – Охрид ќе реализира 28 проекти поддржани од Министерството за култура и туризам

За првпат годинава библиотеката влегува во редот на установи од културата кои имаат делигиран буџет и самостојно ќе ги распредели средствата за проектите кои сметаат дека се приоритетни за реазлиција и ќе донесат ново културно и книжевно раздвижување во Охрид, вели директорката Христина Трпеска.
 |  Маја Савиќ  | 

НУ Библиотека „Григор Прличев“ оваа година ќе реализира 28 проекти поддржани со над 1 милион и 800 илјади денари од Министерството за култура и туризам. За првпат годинава библиотеката влегува во редот на установи од културата кои имаат делигиран буџет и самостојно ќе ги распредели средствата за проектите кои сметаат дека се приоритетни за реазлиција и ќе донесат ново културно и книжевно раздвижување во Охрид, вели директорката Христина Трпеска.

Покрај манифестацијата Прличеви беседи која успешно ја реализиравме ќе напоменам уште неколку проекти кои годинава ќе бидат белег на нашето работење. Приоритет ќе има збогатувањето на книжниот фонд со нова литература за возрасни и деца, како и стручна литература. Ќе продолжиме со заштитата на движното културно наследство и обуките на вработените. Ќе ја организираме Четвртата Годишна средба на роднокрајните автори со издавање на традиционалниот алманах, а ќе го организираме и регионалниот натпревар Млади библиотекари. И оваа 2026 ќе ги реализираме проектите: Читаме гласно и раскажуваме, Книгата најдобар другар на децата, Книгата поблиску до старите лица, трибините за „Поубав свет“, „Калдрмата шепоти за Прличев”, “Азбуката не повикува“ „Библиотека футура”, поетскиот фестивал Слушни го езерото” и уште неколку други, вели Трпеска.

Во јуни планирана е посета на Библиотеката во Котор со која ги поврзува УНЕСКО. Оваа година ќе се изгради и современа пристапна рампа до просторот во кој е сместен пултот за зајмување книги.

Наскоро ќе биде готова и реновираната Прличева одаја со нов лик и содржини, подготвена да ги прими пред се’ роднокрајните писатели но и нивните македонски колеги и соработници од регионот. Овој проект делумно е поддржан од Општина Охрид преку Јавниот повик за проекти од областа на културата а со општинска помош ќе се реалзираат и проектите „Библиотечен калеидоскоп” и „Слушни го Езерото“ кој е дел од одбележувањето на 21 јуни Денот на Охридското Езеро, кажа Трпеска.

Библиотеката „Григор Прличев“ ќе одржи и ред други настани кои ги организира со сопствени средства, како курсевите за Англиски јазик за деца и возрасни, промоции на книги од роднокрајни автори и автори од земјава и странство.

Минатата 2025 беше плодна за НУ Библиотека „Григор Прличев” од Охрид со реализација на над 30 проекти, а главен настан беше враќањето во Библиотеката на Пчињското евангелие кое датира од крајот на 16 век. По втор пат лани библиотеката го доби и признанието „Јаков од Камена Река” за најиздавачи на ниво на Македонија.