Нуркачите од центарот Акватек повторно во еко акција
Исчистија дел од подводното крајбрежје на плажа во Свети Стефан. При тоа извадиле големи количини отпад и предмети кои ги користат луѓето. Од Акватек апелираат до сопствениците на рестораните пред плажите, да организираат подводно чистење на капалиштата.
Од нуркачкиот центар Акватек изведоа еколошка акција на иницијатива на ресторан и плажа Бонанца, а пред почетокот на летната сезона. Акцијата беше успешно реализирана, информира Никола Паскали од НЦ Акватек. Покрај Паскали во акцијата бил вклучен и нуркачот Климчо Ангелоски.
„Целта беше од еколошки и безбедносен карактер за капачите на плажата. Од водата на брегот на капалишетото беа извадени повеќе автомобилиски гуми, собрани беа две вреќи со пластични шишиња, чаши, лименки, стаклени шишиња, најлони и амбалажа од прехранбени предмети кои ги користат луѓето во секојдневниот живот“, кажува Паскали.
Паскали апелира до граѓаните да се еколошки одговорни, а за безбедност на посетителите повикува сопствениците на рестораните на плажите да покренат слични иницијативи за подводни чистења.
Никола Паскали, подводен археолог, познат е на јавноста по неговите еколошки активности со кои досега извел бројни подводни еко акции. Самостојно нуркајќи ги исчистил крајбрежните делови на Сараиште, Мостот на желбите, Потпеш.