О.О на СДСМ обвини за притисоци врз нивни членови да не се појават на нивниот митинг
Вчера беше чест и гордост да се биде опозиционер во Охрид, кажа на денешниот прес претседателот на општинската организација на СДСМ,Томислав Тунтев.
Охрид вчера покажа дека опозиционерскиот дух расте од ден на ден и дека ќе кулминира со убедлива победа на претстојните избори, вели претседателот на општинската организација на СДСМ,Томислав Тунтев. Тој на денешната прес конференција им се заблагодари на сите што, како што рече, во себе успеале да најдат храброст и одважност да присуствуваат на синоќешниот митинг на претседателскиот кандидат Стево Пендаровски. Тунтев обвини дека на голем број членови и симпатизери на СДСМ им биле упатени отворени закани, уцени и притисоци од страна на нивните шефови, раководители и директори од ДПМНЕ, по образовните и здравствените установи, по јавните претпријатија и во локалната самоуправа, дека ќе имаат реперкусии и последици на своите работни места, доколку се појават на митингот на СДСМ. Тунтев потсети на законските одредби дека правото на глас е уставно право на секој граѓанин и никој не смее да го одзема или злоупотребува тоа право.
„Во оваа прилика сакам да ги охрабрам и окуражам сите оние охриѓани, на кои веќе им е преку глава дојдено од секојдневните притисоци што ги трпат на своите работни места, и да им порачам дека својот револт и своето незадоволство од крајно непрофесионалното и нечовечко однесување на нивните претпоставени најдобро ќе го изразат во недела, на 13-ти април, на избирачките места, со заокружување на бројот 3, давајќи го својот глас за Стево Пендаровски, за неопходните промени, за новите прогресивни политики. На тој начин ќе бидат казнети и поразени сите деструктивни функционери од ДПМНЕ, кои бесрамно и бескрупулозно применуваат партиско осветољубие и политички реваншизам, не сакајќи да сфатат дека луѓето се од крв и од месо, со сопствени чувства, со сопствени судбини, со свои семејства и животи, а не само бројки што им се потребни исклучиво за добивање гласови на избори.“-рече претседателот на општинската организација на СДСМ, Томислав Тунтев.
{loadposition content9}