Обелоденето делото на Лев Огненов
Објавена книга за животот и делото на врвниот охридски интелектуалец Лев Огненов. Проф. д-р Павле Митрески и м-р Димитар Смилески се автори на делото за една значајна, а подзаборавена личност од нашата историја. Лев Огненов бил врвен интелектуалец кој оставил неизбришливи траги во историјата. Покрај тоа што бил општествн работник и револуционер, бил и секретар на Митрополијата, инспектор по образование, полиглот, писател, соработник на револуционерите Христо Узунов и Методи Патчев, поддржувач на идеите на Гоце Делчев, раскажува историчарот Проф.д-р Павле Митрески.
„Значајна личност е затоа што Охрид дал многубројни, врвни интелектуалци. Од 7000 -8000 жители колку што броел Охрид , кон крајот на 19 век и почетокот на 20 век, по број на жители на Балканот и Европа, има врвни политичари, научници, медицинари, писатели меѓу кои е и Огненов. Кој е феноменот за тоа, треба социолошко истражување. Јас сметам дека влијанието е на црквите и водата, тие не случајно имаат влијание врз човекот“, споделува Митрески.
Лев Огненов е роден во Горна Влашка маала, во 1868 година. Животниот пат го води од родниот Охрид во Цариград каде што завршува колеџ, па во Софија. Се посветува на револуционерната борба за Македонија, станува прв претседател на организацијата на Вмро во Охрид, но и на науката, вели м-р Димитар Смилески.
„Поголем дел од животот и го посветил на науката, на образованието. Во неговите материјали, кои не се објавени во оваа книга, има расправи околу педагошкото воспитување на децата. Но,во оваа книга за прв пат се објавува неговиот напишан, но непрочитан говор по повод две годишнината од ослободувањето на Охрид, во 1946 година. Тогашните власти не му дозвлиле да го прочита“, напомена Смилески.
Лев Огненов го завршува својот живот во 1953 година во родниот Охрид. Авторите, Митрески и Смилески, на собирањето материјали за книгата „Лев Огненов“, работеле десетина години. Напоменуваат, Охрид како културен центар има голем број интелектуалци чии дела заслужуваат да го видат светлото на денот.