Објавен оглас за идејно решение за изградба на катна гаража
Изградбата на катна гаража во Охрид ќе се прави по специјален план. Во моментов објавен е оглас за идејно решение. Исто така се се чека одлука од охридскиот Совет со која одлука ќе се поведе постапка за обештетување на правните лица или граѓаните кои што имаат дел од земјиштето во која се зацртува градбата на катната гаража.
АД за стопанисување со станбен и деловен простор објави оглас за идејно решение за изградба на долгонајавуваната и долгоочекуваната катна гаража. Станува збор за катната гаража која треба да се гради зад „Ревиера“, на самиот отворен паркинг. Цветко Грозданов, директорот на Друштвото вели дека во соработка со Локалната самоуправа на Охрид направиле специјален план со кој било променето деталното урбанистичко решение со цел да се изгради катната гаража која ќе обезбеди паркинг места за околу 250 возила.
„Очекувам да се избери…имаме составено Комисија составена од еминентни стручни лица од факултетот за градежништво, од институтот но и од вработените во Друштвото да го изберат најдоброто соодветно решение, кое ќе биде наградено со одредена сума на средства и ќе биде откупен овој труд. Сега сме на идејно решение подоцна ќе следи проектирање и согласно тоа ќе можеме да утврдиме колкава ќе биде можноста за обезбедување на паркинг места. Трерба да се испита тлото на самото земјиште дали ќе одиме со еден или со два под нултата точка, но и катноста која ни ја ограничува Законот за Охрид кој што го донесовме“.
Грозданов информираше дека поднесено било барање до општина Охрид како една од заинтересираните страни на првата наредна седница да донесат одлука со која ќе се поведе постапка за обештетување на граѓаните кои што имаат дел од земјиштето во која се зацртува градбата на катната гаража. Грозданов открива дека станува збор за 6 лица кои доставиле имотен лист и додава дека со нив ќе се постапува согласно Законот за експропријација.
„И нормално како охриѓаниец не сакам обештетувањето да биде вакво или онакво…бидејќи и утре треба да се видиме повторно во лице Но, јавно кажувам дека согласно методологијата како Бирото за судски вештачења ќе одреди цената така ќе бидат исплатени“
Грозданов убедува дека нема да се оди со општинска цена, туку ќе се оди со реална пазарна цена онака како што Бирото за судски вештачења и други вешти лица ќе утврдат дека е цената со која што треба да се обештетат луѓето. Тој верува дека и тие како друштво но и граѓаните ќе бидат задоволни бидејќи Охрид ќе ја добие првата катна гаража која ќе го реши хаосот кој што владее во паркирањето посебно во летниот период.