(ОБНОВЕНО) Успешно изведена симулациска вежба за евакуација во ОУ „Христо Узунов“
Досегашните вежби во сите општински школи покажаа дека оперативните планови за евакуција ги задоволуваат пропозициите предвидени со законот. Некои пропусти ќе треба да се корегираат во иднина, а од локалната самоуправа ќе постапат согласно нивните ингеренции.
Во ОУ „Христо Узунов“ се одржа завршната симулациска вежба за евакуација на ученици при земјотрес и пожар. Во изминатиот месец се вежбаа оперативните планови за спасување во сите образовни установи, информира Сашо Точков, претседател на ОО ЦК која е организатор на показните вежби. Во најголем дел сите поминале без проблеми, ги задоволиле пропозициите предвидени согласно законот, но некои пропусти ќе треба да се корегираат во иднина.
Дел од училиштата треба да направат доработка на евакуациските планови заради нови реални ситуации кои ги имаат, на пр. при излез кој не се користи и треба да се означи во планот за евакуција. Голем проблем се приодите во школите за влез на возилата за интервенција како што се брза помош и пожарна, а којшто ќе треба да се решат од Локалната самоуправа – истакна Точков.
Градоначалникот Кирил Пецаков го поздрави одржувањето на симулациските вежби во школите којшто имаат за цел да ја покажат подготвеноста на установите и надлежните институции како делуваат во евентуални елементарни непогоди. Пецаков напомена дека до Локалната самоуправа пристигнале детектирани слабости од направените вежби на терен.
Има забелешки за пристапот до одредени училишта. Забелешките ќе ги видиме на писмено и секако како Локална самоуправа ќе постапиме по однос на нив – кажа Пецаков.
Во реализација на денешната симулациска вежба учествуваа наставниците и учениците од ОУ „Христо Узунов“, ОО ЦК, Центарот за управување со кризи, Дирекција за заштита и спасување, Итната медицинска помош, Територијалната противпожарна единица, Планинската служба за спасување и СВР Охрид. Сите беа на ниво на својата задача за да се спроведе оперативниот план, информира Стефан Димоски, портпаролот на СВР Охрид. Меѓусебната координација е добра и во практичната вежба на терен се покажа дека е главен предуслов за брзо и навремено делување на местото на настанот.
Понатаму треба овие мерки во координацијата постојано да се ажурираат со именување на лица за контакт и проверка на меѓусебната координација во други околности и услови – вели Димоски.
Показните вежби за спроведување на оперативните планови за евакуација при елементарни несреќи е законска обврска на школите којашто треба да ја спороведуваат на секои 2 години.