Skip to main content

Очекувањата на охриѓани од новиот градоначалник и локалната самоуправа

Нов асфалт на улиците во нивните населби, функционални канализациони системи и сообраќајни решенија кои имаат смисла се барањата на охриѓани од новиот  градоначалник и локалната власт, без разлика од кој дел на градот доаѓаат.

 |  Голабовски Крсте  | 
ulica
улица

Без разлика која политичка опција раководи со Локалната самоуправа, проблемите од комуналната сфера најмногу ги мачат охриѓани.  Иако голем број од проблемите се започнати со решавање, за некои дури е изнајдена солуција, но факт е дека сеуште голем број, чекаат на решение. А целта на овој прилог не е да осудуваме, критикуваме, ниту да глорифицираме, туку едноставно да слушнеме, што нашите сограѓани очекуваат и бараат од новиот градоначалник и службите на локалната.

ulicaПодобрување на состојбата на градските сообраќајници,   функционални канализациони системи и сообраќајни решенија кои имаат смисла се барањата на охриѓани без разлика од кој дел на градот доаѓаат.

За долгите години запоставување на системот за атмосферска канализација и неговата недоизграденост, секоја година најдобро сведочат поплавените градски улици. Доизградбата на атмосферската канализација во голема мера ќе ги елиминира честите поплавувања на охридските улици, но процесот на доизградба ќе трае уште долго време. Да не зборуваме за големиот број домаќинства од Охрид за кои решението за отпадните комунални води сеуште се септичките јами.  Убав предизвик за новиот градоначалник и службите на локалната, конечно да се стави крај на полавените градски дуќани и приватни куќи во врнежливите периоди од годината.
Асфалтираните улици низ Охрид пак се посебна приказна. Иако минатиот раководител на Одделението за сообраќај и комунален развој Зоран Шикалоски смело изјави дека :

 -„Нема да остане населено место во градот и селата каде што нема да бидат санирани улиците“, сепак и после 30 години жителите на населбата „Гоце Делчев“ вешто ги избегнуваат ударните дупки, кои од година во година се се побројни, а богами и поголеми.

улицаИ не се само дупките на улиците од нас. „Гоце Делчев“. Тротоари недостигаат на ул.„АСНОМ“, делови од улицата „Момчило Јорданоски“, сеуште плачат за санација, а и една од најпрометните улици „Јане Сандански“ е во очајна состојба. Нека биде ова една сугестија од охриѓани за реализација на еден предлог за мини проект на Одделението за сообраќај и комунален развој, во претстојниов период.
За крај од барањата и желбите на нашите сограѓани, ги оставаме оние кои се однесуваат на сообраќајот. Не секогаш кружните токови се решение за сообраќајниот метеж почитувани надлежни, велосипедистите од градов одбиваат да бидат врста пред исчезнување, а фино би било во стариот дел на градот понекогаш да може да помине возило на противпожарната служба или  на прва помош. А да, ќе заборавев, ова со паркинзите нека се реши што побрзо, да знаеме каде, како и за колку пари ќе можеме да паркираме.
Ете почитуван Градоначалнику и надлежни раководители на сектори и одделенија од Општина Охрид, скромни се охриѓани и не сонуваат за супер хотелски комплекси и жичари до Галичица. Овој прилог на ТВМ нека биде само една насока за она што на сите нам сега ни е најпотребно.

{loadposition content9}