Skip to main content

Од денес почна исплата на гарантираната минимална плата за семејствата во социјален ризик

Според новиот закон за социјална заштита 480 охридски семејства ќе бидат опфатени со новите законски измени. Покрај низата новини државата на овие семејства сега ќе им исплаќа за децата ученици во основно и средно школо детски додаток за секое дете, а дополнително ќе им се исплаќа и образовен додаток. Примената на остантите новини се во тек.

 |  Валентина Неловска  | 

Од денес 480 охридски семејства во социјален ризик ќе добиваат гарантираната минимална плата во висина од 6000 денари. Новиот Закон за социјална заштита кој стапи на сила од 23 мај со низа измени ќе го подобрува семејниот буџет на домаќинставата во социјален ризик. Семејствата ќе добиваат и детски и образовен додаток. Така, во буџетот на едно  семејство, во зависност од бројот и возраста на децата, ќе се слеваат околу 13.000 денари месечно, информира Ајтен Мусли директор на охридскиот Центар за социјални работи. По истекот на овој рок законот предвидува нови можности за носителот на правото на користење на гарантираната минимална плата, појаснува Мусли.


„ Има една новина.По една година ние треба да ги упатиме корисниците во Агенцијата за вработување за да може да влезат на пазарот на труд.ДОклку одбијат работно ангажирање или вработување ќе бидат исклуени од нашиот сиситем и од системот на Агенцијата за вработување“, напоменува Мусли.

Во центарот за социјални работи во тек се и другите законски измени , како што е пријавувањето на граѓаните за обезбедување на право на старосна социјална пензија. Според законот граѓаните на возраст над 65 години до крајот на животот ќе може да остваруваат парична помош, информира Мусли.

„ Лицата над 65 години може да поднесат барање за социјална сигурност ако немаат други приходи, да не се пензионери и да немаат приходи по никаков основ. Имаме критериуми и може да се обратат во нашиот центар за консултација кој документи да ги достават за да може да се направи увид дали ќе го остварат тоа право или не“, напоменува Мусли.

Во законот има измени и во делот на субвенционирање на потрошувачката на електрична енергија за ранливите категорија граѓани. Државата ќе ги плаќа сметките за струја во висина од 1000 денари само во текот на грејната сезона, само 6 месеци од октомври до месец март. Сеуште важи додатокот за трето дете, но семејствата не ќе можат да остварат гарантирана минимална плата.