Од државата нема ни „п“ од промоција на големиот Балкански самит „Adventure next balkans“
Охрид домаќин на Балканскиот самит „Adventure next balkans“. Преку 300 делегати од кои 50 тур оператори од целиот свет ќе дојдат да ја доживеат авантурата во Охрид преку Балканскиот Самит. Организаторите сметаат дека преку овој самит, Македонија ќе добие помаркантно место на светската туристичка мапа, посебно во формите на алтернативниот туризам.
Шест дена не делат од започнувањето на големиот балкански Самит „Adventure next balkans“, кој ќе се одржи од 10 до 12 мај во Охрид. Во тој период доаѓа висока клиентела пред која треба да се претставиме во најдобро светло, но за жал затајува промоцијата од државата, односно од страна на Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот, велат организаторите на овој настан. Александар Јованоски од „кластерот Еден“ од Охрид, вели дека очекувале Агенцијата да изготви видео спот и голем број билборди, како јавноста би се информирала за овој несекојдневен настан од кој градот може да добие многу. Јованоски вели дека навистина имаме што да понудиме, како претставниците од светските тур оператори би можеле да креираат пакет аранжмани.
„Нашата најатрактивна понуда содржи 4 активности, вклучувајќи транспорт до превојот на Галичица, следи планинарење, односно пешачење до врвот Лако Сигној, од каде што е незаборавна глетката да ги имате двете езера Охридското и Преспанското во еден поглед. Потоа следува велосипедизам по падините на Галичица, во планинарската куќа кај Асан Џура, следи традиционална софра со македонски специјалитети на скара“.
Јованоски нагласи дека наспроти слабата промоција од државата, охридската Локална самоуправа максимално помогнала во организација на овој настан. Таа се погрижила бројните учесници на „Adventure next balkans“ да имаат можност да го разгледат градот, со посета на најзначајните културно историски споменици. Ѓоко Апостолов од ТЛЕР истакна дека речиси една година активно биле вклучени во ко-организација на овој настан, кој според него е од исклучителна важност за градот и воопшто за земјава, бидејќи ќе се афирмира туризмот во светски рамки.
„Проценивме дека ова претставува една извонредна можност за Охрид да биде промовиран низ целиот свет…заедно со културно историското богатство, убавините на градот но и туристичката понуда. Најбитниот дел од она што гостите треба да го видат и почуствуваат од областа на алтернативните форми на туризам е застапеност за време на нивните екскурзии или посети на најмаркантните места не само во Охрид. Во Охрид на 10-ти ќе имаат можност да посетат одредени локации кои што заедно со организаторите сметавме дека претставуваат плодна почва за развивање на алтернативните форми на туризам“ – вели Апостолов.
Во пресрет на „Adventure next balkans“ конференцијата, Охрид треба да се претстави во најдобро светло пред туристите, вели Ѓоко Зороски од ЕД „Грашница“. По тој повод на 6-7 мај во организација на ЕД „Грашница„ и движењето Go Green и Ајде Македонијо, во Охрид ќе се чистат патеките на НП „Галичица“.
„Патеките од Охрид до село Велестово, планинарската куќа Асан Џура и на 7 мај расчистување на четири локации кои ги вклучуваат Горица 2, Заливот на коските, плажата Градиште и локалитетот во близина на селото Елшани. Почетокот на двете акции е во 10 часот, на 6 ти мај почетокот е пред влезот на НП „Галичица“, а на 7 мај од пред влезот на спортската сала. За сите учесници е обезбедено мало освежување и заштитни средства за собирање на отпадот“ – изјави Зороски.
Свеченото отварање на самитот, ќе биде на 10-ти мај, вечерта, во 21 часот, на островото во Св.Наум, каде гостите ќе бидат донесени со бродови, а се очекува да биде присутен и претседателот на Р.Македонија Ѓорге Иванов. На самитот ќе има претставници од Канада, Америка, Австралија, Саудиска Арабија, Норвешка, Германија, Франција, Русија и други земји.
Инаку, големиот Балкански самит „Adventure next balkans“, ќе се одржи во хотелот Инекс Горица.