Skip to main content

Ден на македонскиот јазик и азбука

Од Климента, преку Прличев до Конески и Шопов

Петти мај , Денот на македонскиот јазик и азбука одбележан во Националната установа Библиотека „Григор Прличев“од Охрид. Со богата програма, во соработка со градинките и училиштата и граѓаните денеска во оваа установа беа промовирани македонскиот јазик и литература “Од Климента, преку Прличев до Конески и Шопов“.
 |  инфодеск  | 
НУ Библиотека Ден на македонскиот јазик

Македонија го одбележува Денот на македонскиот јазик и азбука под слоганот „Пишувај кирилица.“ На денешен ден во 1945 година, со Решение на Народната влада на Федерална Македонија била усвоена азбуката на македонскиот јазик, а по два месеца, Министерството за просвета го озаконува првиот правопис на македонскиот јазик. Големиот Блаже Конески, еден од кодфикаторите на македонскиот јазик во една прилика нагласил дека ,,Јазикот е единствената наша комплетна татковина”. Овој ден е потстрек секогаш да направиме нешто повеќе за негување на сопствениот јазик и култура, посебно во ова време на наплив на странски зборови и употреба на латиницата поради влијанието на современата технологија и социјалните мрежи и да ја подигнеме свеста за значењето на јазикот за да бидеме на добар пат да ги победиме сите оние кои го негираат постоењето на нашиот јазик, вели м-р Милчо Јованоски, директор на НУ Библиотека „Григор Прличев“ – Охрид.

Со богата програма, во соработка со градинките и училиштата и граѓаните денеска во оваа установа беа промовирани македонскиот јазик и литература “Од Климента, преку Прличев до Конески и Шопов“

„Тоа се величини кои несмееме да ги заборавиме на нашиот пат кон иднината, затоа што тие ги поставиле основите од старословенскиот јазик па се до нашиот современ стандарден македонски литературен јазик, кој мораме секојдневно да го негуваме и градиме. Позитивно е што се носи нов Закон за македонски јазик, владата кажа дека се работи на тој закон. Позитивно е што ќе имаме годишна награда Блаже Конески за лингвистите и луѓето кои го негуваат македоснкиот литературен јазик. А најпозитивно е тоа што се надевам дека ќе се отвори простор во секоја институција во нашата држава да има работно место лектор.“ – истакна Јованоски.

Честитка за Денот на македонскиот јазик, преку видео обраќање до присутните на свеченоста во библиотеката, упати проф. д-р Људмил Спасов, претседател на Советот за македонски јазик.

„Овај ден треба да го одбележиме, да стане познат во јавноста, да ги поттикне луѓето да се занимаваат со својот мајчин јазик и со својата култура во сите сфери на општењето и да бидат горди дека токму тој јазик ја одбележува македонската нација. На крај би сакал да истакнам дека додека постојат Македонци во оваа држава и надвор од неа, македонскиот јазик и македонската нација ќе живеат. “ – кажа Спасов во обраќањето.

Учениците и граѓаните во градската библиотека имаа можност да проследат изложба на дела од Фондот на библиотеката од Конески и Шопов , документарните филмови „ Проста и строга македонска песна“ филм за Конески , и „Тешкото“. Со рецитали за македонскиот јазик се претставија ученици од ООУ „Св. Наум Охридски“ Пештани и од ООУ „Христо Узунов“ – Охрид а најмалите од ЈОУДГ „Јасна Ристеска “ цртаа инспирирани од азбуката.