Од неодамна и Охрид има лиценциран медијатор
Од неодамна и Охрид има лиценциран медијатор. Само тој може да биде легален посредник помеѓу двете страни во различни спорови. Она што ја разликува медијацијата од судската постапка е тоа што таа е доброволна. Решавањето на споровите со помош на медијатор им заштедува на странките и време и пари.
Охрид го доби првиот лиценциран медијатор. Од 2006 год. во именикот на Комората на медијатори на РМ биле регистрирани околу 170 медијатори, од кои 5 биле од Охрид. Со донесување на нов Закон за медијација во 2013г., се воведе обврската сите медијатори да се лиценцираат. Постапката за лиценцирање започна од февруар 2016г. и до сега на Листата на медијатори на интернет страната на Министерствово на правда има податоци за 13 лиценцирани медијатори, од кои само еден во Охрид. М-р Гордана Атанасова, првиот лиценциран медијатор во градов кажува дека медијацијата е алтернативна, вонсудска, неформална постапка, која претставува посредување при решавање на спорниот однос по пат на преговарање со помош на еден или повеќе лиценцирани медијатори.
Кога зборуваме за медијацијата често го употребуваме терминот вин-вин бидејќи и двете страни се чуствуваат како победници. Се доаѓа до спогодба која ги задоволува потребите на двете страни, а за тоа се грижи медијаторот. Тој настојува спогодбата да биде корисна за двете страни и да нема оштетени, вели М-р Гордана Атанасова, лиценциран медијатор.
Медијацијата се применува во имотноправни, семејни, работни, трговски, потрошувачки, осигурителни спорови, спорови во областа на образованието, заштита на животната средина, спорови во врска со дискриминација и кривични спорови. Со измени во Законот за парнична постапка кои стапија во сила од 01.02.2016г. , а ќе траат три години се воведе задолжителен обид за медијација во стопански спорови за парично побарување чијашто вредност не надминува 1.000.000 пред да се воведе судска постапка.
Она што ја разликува медијацијата од судската постапка е тоа што таа е доброволна. Страните спогодбено го избираат медијаторот, доброволно учествуваат во преговарањето. Самите ги поставуваат правилата по кој ќе се одвива постапката, сами изнаоѓаат решениа, а медијаторот само ги насочува што е за нив најдобро, објаснува Атанасова.
Во регистарот за евиденција на постапки за медијација кој го води Министерството за правда, во период од влегување во сила на новиот Закон за медијација во 2013г. до 29.11.2016г. имало заведено 80 постапки не медијација со вкупно 20 постигнати спогодби.
Контакт информации за лиценцираните медијатори можат да се најдат на Листата на медијатори интернет страната на Министерствово на правда.