Од Охрид до лидер на светските пазари, АСП-ПАК гради нов производствен комплекс вреден 10 милиони евра

Новo поглавје во развојот на охридската компанија АСП-ПАК. По 26 години постоење и раст, семејната компанија започнува реализација на нова инвестиција вредна над 10 милиони евра. Со свечено поставување на камен-темелникот денеска започна изградбата на новиот производствен комплекс, кој треба да донесе зголемување на производствените капацитети, модернизација на технологијата и проширување на присуството на меѓународните пазари.

Ова не е само една производствена хала,овде градиме современ, флексибилен и прилагодлив индустриски екосистем во кој имплементираме најсовремени технологии, од роботика и автоматизација до вештачка интелигенција, а во иднина и супер интелигенција. Не градиме фабрика која ќе биде модерна само за денес, туку фабрика која постојано ќе се модернизира. Тоа не значи помалку вработени, напротив, ќе ни бидат потребни повеќе луѓе, истакна во обраќањето директорот Кирил Спасески, во име на АСП-ПАК и семејството Спасески.
„Нашите цели се конкретни: минимална плата со завршувањето на овој проект од 1.000 евра нето, а просечна плата помеѓу 1.500 и 2.000 евра. 100 проценти квалитет, преполовени рокови за испорака и двојно поголем производствен капацитет. Со ова излегуваме од нашата комфорна зона, со цел да обезбедиме иднина за наредните децении, да излеземе од просечноста и да станеме натпросечни. Денес, според нашите проценки, АСП-ПАК е меѓу петте водечки компании во светот во нашата индустрија со свој проект. Верувам дека имаме можност да станеме број еден во светот. На оваа трансформација веќе работиме 10 години. Според нашите сознанија, конкурентите сè уште не започнале ваква сеопфатна трансформација. А тоа не се прави преку ноќ. Од Охрид, поточно од Лескоец, имаме можност да станеме светски лидери и тоа долго пред конкуренцијата“, истакна Спасески.


Почетокот на инвестицијата беше одбележан и со потпишување договор за стратешко партнерство меѓу АСП-ПАК и Владата на Република Македонија. Договорот го потпишаа премиерот Христијан Мицкоски и директорот на компанијата Кирил Спасески, со што се отвора можност за поддршка од државата за реализација на планираниот бизнис-проект.

„Нешто што за нас како Влада, но и за Охрид и Македонија како држава, претставува посебна гордост е да имаме еден од светските лидери токму тука дома, кој со своето присуство овде во Охрид само ја продлабочува трагата што ја остава во локалната, државната и националната економија. Ние како Влада сме партнери и ќе го поддржиме овој инвестициски проект, затоа што веруваме дека има голема додадена вредност. На тој начин ќе се потрудиме заедно со инвеститорот дополнително да ја потврдиме лидерската позиција на светско ниво. Она што за мене како претседател на Владата, но и како професор, претставува посебно задоволство е тоа што оваа линија ќе биде комплетно роботизирана, ќе се користат апликации на вештачка интелигенција, нешто што претставува современа и врвна технологија. Убеден сум дека токму тука, од Охрид, од овој производствен капацитет, ќе ги стимулираме сите идни инвеститори во Македонија да применуваат вештачка интелигенција, роботизирани системи и технологии со кои ќе го зголемат и оптимизираат своето производство.“- изјави премиерот Христијан Мицкоски.
За Општина Охрид, ваквите нови инвестиции значат развој на локалната економија, можности за вработување и професионален развој на младите и потврда дека домашните компании можат од локална средина да создаваат производи и бизнис-приказни со меѓународен дострел. Градоначалникот Кирил Пецаков истакна дека АСП-ПАК е компанија со која градот има причина да се гордее.

„АСП-ПАК е бренд со кој Охрид има причина да се гордее. Од семејна компанија со визија, посветена на работа и континуирани вложувања, прерасна во успешен меѓународен производител чии производи се пласираат на сите светски пазари. Особено значајно е што оваа успешна деловна приказна е создадена токму во Охрид, а нејзиното работење претставува важен придонес за локалната економија, отворањето нови работни места и јакнењето на бизнис-секторот во нашиот град. Новиот современ производствен комплекс на АСП-ПАК е значаен инвестициски чекор и потврда дека Охрид има потенцијал да даде голем придонес кон развојот на македонското стопанство.“ – кажа во обраќањето градоначалникот Пецаков.
Дека успехот на АСП-ПАК се темели и на долгорочните партнерства со странските компании потврдија и гостите од Израел и Белгија, со кои охридската компанија соработува речиси повеќе од две децении.

„Во име на компанијата Амир и во мое лично име, би сакале да ви се заблагодариме за 20 години успешна соработка и пријателски однос, бидејќи ние сме како едно семејство. АСП и Амир се партнери кои заедно ги надминуваат предизвиците на пазарот, силната конкуренција, работат на подобрување на производите и квалитетот, но пред сè ги негуваат човечките односи. Ви посакуваме продолжување на растот и развојот на фабриката, како и на производите, кон нови и уште повисоки достигнувања.“ – кажа Боаз Шалом, од компанијата „Амир“ од Израел.

„Ви се обраќам како горд белгиски клиент на АСП-ПАК. Низ годините, нашите две компании изградија силна и долгорочна врска. Во АСП-ПАК најдовме партнер кој ги разбира нашите потреби и постојано, од година во година, ги исполнува нашите очекувања. Во изминатите 20 години заедно растевме и се развивавме, градејќи силно и трајно партнерство. Нашата компанија „Рова“ во Белгија има иста семејна структура, па за нас, како татковци, посебно значење има можноста нашите деца да го продолжат бизнисот на добар начин.“ – истакна Руди Медар Ван Хазберг, од компанијата „Рова“ од Белгија.
На свеченоста присуствуваа претседателот на Владата Христијан Мицкоски, министерот за транспорт Александар Николоски, пратеници, градоначалникот на Охрид Кирил Пецаков, митрополитот Дебарско-кичевски господин Георгиј, претставници на Стопанската комора и бизнис-заедницата, гости од земјата и странство, како и долгогодишни деловни партнери и соработници на компанијата.

АСП-ПАК е основана на 15 јули 2000 година од Петар Спасески, како мал семеен бизнис со 20 вработени. Денес, три генерации од семејството Спасески и стотици вработени ја продолжуваат приказната на компанијата, која прерасна во меѓународно препознатлив производител.
Производите создадени во Охрид денес стигнуваат до бројни пазари, од Европа и Израел, до Северна Америка и Јужна Африка. Според податоците на компанијата, во амбалажата на АСП-ПАК годишно се пакуваат околу три милијарди килограми земјоделски производи. Интересен е и податокот дека должината на конецот што компанијата го произведува за една година е доволна трипати да ја обиколи Земјата по должината на екваторот.

Успехот е резултат на долгогодишна визија, посветена работа и континуирана борба за квалитет, но и на довербата на вработените, клиентите и деловните партнери.
Со новиот производствен комплекс, АСП-ПАК го најавува следниот чекор во својот развој. Од Лескоец, од Охрид, со амбиција за уште поголемо присуство на светските пазари, компанијата ја продолжува приказната која започна како семеен бизнис, а денес претставува меѓународно препознатлив производствен бренд.













