Од утре пониски цени за тестенините и млечните производи
Граѓаните од утре на рафтовите во продавниците треба да најдат поефтини тестенини до 15 отсто, а млечните производи до 10 проценти. За овие производи, од 13 март до 31 мај годинава се укинати увозните царински давачки. Само со укинување на царината, според пресметките на Владата, нивната цена се намалува за осум до девет денари во просек во малопродажба. Од Владата очекуваат намалувањето да биде и поголемо. Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи најави дека Владата ги следи сите движења на пазарот и ако цените на основните суровини паѓаат, а цените на производите останат исти, тогаш ќе мора да се донесат и други одлуки за замрзнување на цените и на други производи, како за овошјето и за зеленчукот.
Ги следиме сите движења на пазарот. Со завршувањето на грејната сезона во Европа и цените на берзите за скоро сите прехранбени производи почнаа да паѓаат. Очигледно дека справувањето со економската криза и кризата со храна во цела Европа беше успешна операција и веќе резултатите се даваат. Тоа ќе значи дека и кај нас и трговците, но и сите други ќе треба да ги следат сите текови. Ако основните суровини паѓаат, не може цените да останат исти. Како што ги презедовме мерките за основните прехранбени производи, леб, тестенини, млеко и млечни производи истото го навестивме и за една низа на други продукти. Ќе ги следиме и цените на овошјето и зеленчукот и ако трговците, но и производителите сами не реагираат, пораката од Владата е јасно дадена дека граѓаните нема да ги оставиме сами и ќе донесеме одлука во интерес на граѓаните – порача денес Битиќи од трибината со млади „Професиите на иднината бараат знаења и вештини денес“.
Вицепремиерот подвлече дека санкции нема да има, бидејќи како што вели самото замрзнување на цената е доволна непазарна мерка. Објаснува дека очигледно производителите го чекаат последниот ден за да ги намалат цените, бидејќи на рафтовите, денес не се гледа некоја промена на цените на овие производи.
Ако они тоа не го направат, тогаш Владата ќе ги преземе мерките кои се потребни, а тоа е замрзнување на цените. Тоа е најтешката одлука за еден произведувач или трговец, но јасно кажувам дека во сите пресметки не сме нанеле штета со замрзнување на цените. Очигледно така сме навикнати во нашето општество, секогаш е последниот ден, дури и ако е за добра работа чекаме последен ден. Ќе ги видиме утре наутро цените коишто ги кажав – рече Битиќи.
Утре се замрзнува цената на тестенините, сирењето, урдата, кашкавалот, млекото, киселото млеко и јогуртот. Одлуката ќе се применува од 16-ти март до 31-ви мај оваа година, а моментално се анализира дали и за колку треба да поевтинат јајцата, оризот и шеќерот.