Skip to main content

Едриличарска прошетка

Одбележан Денот на Охридското езеро

Градоначалниците на Охрид, Поградец и Дебрца со силна порака за зачувување на нашиот природен бисер, Охридското Езеро. Силно сме посветени на еколошкиот аспект во ползувањето на благодетите на езерото, охридските едрилици се патоказ како во иднина треба да изгледа нашиот бисер, истакна градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков.
 |  инфодеск  | 
Денот на охридското езеро

Неповторливата и единствена природна реткост на Охридското Езеро, кое е дел од Листата на светски природни наследства на УНЕСКО е приоритет за сите нас како граѓанско општество, истакна денес на одбележувањето на денот на езерото, градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков.

Активната соработка помеѓу Охрид, Струга и Дебрца од македонска страна и Општина Поградец од албанска страна, ја дефинира потребата за вложување на заеднички напори и поставување на база за соработка која ќе биде појдовна точка за напредокот на регионот, посочи Пецаков.

Годинава со помош на Едриличарската федерација на Македонија и ЕУ сакаме да покажеме дека силно сме посветени на еколошкиот аспект во ползувањето на благодетите на езерото. А охридските едрилици се патоказ како во иднина треба да изгледа нашиот бисер. Треба да направиме се грижата за Охридското Езеро како огромна природна вредност, да добие соодветна валоризација во заедничките напори и прогрес на езерскиот регион како географска целина – кажа Пецаков.

Денот на охридското езеро

Сите природни и културни богатства со кои изобилува регионов треба да добијат соодветна форма, ставена во функција на развојот на регионот, а секој иден чекор добро осмислен и во функција на заедничката цел, регионов да стане подобро место за живот на нашите граѓани.

Градоначалникот на Општина Поградец од соседна Албанија, Илир Џаколи истакна дека ова е многу важен ден, за сите нас, на кои остана да го зачуваме ова прекрасно езеро кое ни го дала природата.

Ние треба да го менаџираме нашето езеро во насока на развој на туризмот преку зачувување на неговите природни, но и културни вредности, па така сега сакам да упатам еден апел до двете влади, да заборават на бирократијата и да овозможат слободно движење на граѓаните од двете страни на границата, со што ќе помогнат во развојот на туризмот од двете страни – потенцираше Џаколи.

Денот на охридското езеро

Градоначалникот на Општина Дебрца Зоран Ногачески подвлече дека соработката помеѓу општините од двете страни на езерото во насока на исполнување на препораките на УНЕСКО за заштита на овој воден басен од македонска и од албанска страна се префрла на билатерално ниво.

Значи целосна една заштита на регионот на Охридското Езеро е можна само со вклучување на сите засегнати чинители. И она што сакам да го порачам е дека сите тие активности треба да резултираат со една симбиоза меѓу човекот и природата, зошто од една страна треба да го заштитиме во целост овој природен ресурс, имајќи во предвид дека овој ресурс има значаен економски импакт на развојот на целиот овој регион – вели Ногачески.

Денот на охридското езеро

Вредностите на Охридското Езеро се од планетарен размер – како дом на над 1.200 видови, според единица површина Охридското Езеро има убедливо највисок индекс на биодиверзитет од сите езера на светот; над 200 од тие видови се ендемски – ги нема на ниту едно друго место.

Охридското езеро е музеј на живи фосили, древни видови кои во неговите води постојат над 2 милиони години и кои се бесценет извор за научни истражувања на еволуцијата на видовите.