Skip to main content

Одбележан Денот на пожарникарите, ТППЕ Охрид се стреми кон европските стандарди

Со дефиле на противпожарни возила низ Охрид и едукативна дружба со најмладите, ТППЕ Охрид го одбележа 20 Мај – Денот на пожарникарите. Во рамки на настанот беше истакнато дека единицата добива нова опрема, униформи и обуки, со што сè повеќе се приближува кон европските стандарди.
 |  Маја Савиќ  | 

Со дефиле низ Охрид со противпожарни возила со вклучени сирени, ТППЕ Охрид денеска го одбележаа 20 мај, Денот на пожарникарите. Настанот беше најинтересен за најмалите, учениците од ОУ „Григор Прличев“ за кои пожарникарите се вистински херои. Тие се запознаа со професијата пожарникар и опремата која ја поседува противпожарната единица во Охрид, а имаа можност и да се возат во ПП возила.

-Многу брзо беше возењето, многу интересно и многу гласно свиреа сирените. Во пожарната видовме многу седишта, црева за вода и облека за пожарникарите, вели Доротеа Ѓореска.

-Беше многу интересно и многу убаво. Многу брзо се вративме, свртивме цел круг и ми беше многу интересно, се дружевме внатре со другарчињата. Автомобилите застануваа за да поминеме ние со возилото, вели Стефани Крстаноска.

Во рамки на одбележувањето беше истакнато дека ТППЕ Охрид значително ја унапредува својата опременост и се приближува кон европските стандарди. Во изминатиот период, со поддршка од локалната самоуправа, набавена е нова опрема, а по 25 години обезбедени се и нови интервентни униформи за сите 40 пожарникари во единицата, истакна Заменик командирот Коста Кузмановски. Тој посочи дека интересот за работа во службата е голем и најави можни обуки и курсеви за идните кандидати.


– Со тоа безбедноста на пожарникарите е на едно високо ниво, а со тоа и безбедноста на граѓаните на Општина Охрид, Општина Дебрца, како и на туристите кои претстојуваат во нашиот град. Во соработка со локалната самоуправа, набавено е доста опрема во изминатиот период, така што можам да кажам со задоволство дека излегуваме од тие балкански рамки и веќе се ближаме кон европските рамки. Постои голем интерес за нашата служба и се надевам дека во следниот период ќе имаме и некои курсеви за да се направи правилна селекција, бидејќи едно е желбата да се биде пожарникар, а други се можностите, рече Кузмановски.

Поддршка за охридските пожарникари најави и Дејв Бери од Службата за противпожарна и спасувачка служба во Манчестер, кој ја нагласи улогата на Фронтекс во обезбедувањето опрема и обуки за службите во Охрид и Македонија. Тој најави тригодишна програма за обука на пожарникарите, со примена на современи практики од Велика Британија и САД.

Имав можност да ја посетам ТППЕ Охрид годинава и минатата година, да поразговарам со командирот и заменик командирот. Ентузијазмот на пожарникарите е едноставно прекрасен, фантастичен. Ми ја покажаа својата опрема, ми ја покажаа својата лична заштитна опрема, има навистина добри инвестиции. Тоа што разговарав со раководството тука е дека ќе помогнеме со обука во следните неколку години. Ние сме посветени на тригодишна програма. Ќе донесеме дел од најновите обуките што ги практикуваме во Велика Британија, дел од обуките што се донесени и од САД. Ќе им помогнеме на пожарникарите овде да бидат најдобри што можат за луѓето од Охрид, додаде Бери.

На одбележувањето присуствуваше и градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков, кој традиционално им го честиташе празникот на охридските пожарникари.