Одбележан Денот на Сесловенските просветители
Одбележан Денот на Македонските и Сесловенските просветители, светите браќа Кирил и Методиј. Во Домот на култура „Св.Кирил и Методиј“ во Кошишта утрово се одржа Панихида и свеченост во чест на светителите. Потоа на градскиот кеј, пред споменикот на големите дејци, претставници на образовните и културните установи од градот, како и делегација на Општина Охрид положија свежо цвеќе пред монументалниот споменик.
„Прво сакам да го честитам денешниот празник 24 мај, Денот на македонските просветители, Св. Кирил и Методиј.Токму кога станува збор за овој празник ние треба да ја продолжиме нивната просветителска мисија и просветителска дејност, односно овој настан да прерасне во еден голем настан, кадешто ќе бидат вреднувани, знаењето, талентот, успехот на учениците“ – рече Перчо Божиновски – советник Општина Охрид.
На 250 најдобри ученици од охридските основни и средни училишта кои постигнале значајни резултати на регионални, државни и меѓународни натпревари им беа врачени енциклопедии од страна на претседателот на Општина Охрид Сашо Донев.
„Просветителска мисија на Кирил и Методиј отсекогаш била инспирација за нашите деца , нашите ученици кои покажале најдобри резултати на регионални, државни и меѓународни натпревари. На нашата гордост, на овие бројни ученици кои денес се тука со нас, од срце им честитам за постигнатите успеси и посакувам и понатака да го продолжат патот по кој тргнале“ – рече Секретарот на Општина Охрид Александар Китески.
Милчо Јовановски – Директор НУ Градска библиотека „Григор Прличев“, вели дека одбележувањето на вакви празници треба да се подигне на повисоко ниво. Околу овие празници треба да се сплотиме сите словенски народи. Цел месец мај да биде прогласен за месец на просветителството и месец на македонската писменост и култура, истакна Јовановски.
„Навистина се радувам што гледам толку млад свет околу споменикот на Светите Кирил и Методиј, само вака се гради традиција. Само вака се градат потрагите по корените. Затоа што без минатото немаме иднина. Особено во овие геополитички случувања ваквите настани се добредојдени. Барем во оваа ситуација ќе можат уте еднаш младите да се запознаат кој биле Светите Кирил и Методиј, кој бил Климент Охридски, сите тие претходници и создавачи на нашите корени, азбука и она што ние денес го имаме како благодет од она што тие пред многу векови го создале“ – посочи Милчо Јовановски – Директор НУ Градска библиотека „Григор Прличев“.
Денешниот празник претставува Ден на сесловенските просветители Св. Кирил и Методиј. Ден на браќата родени во Солун во IX век. Дејците кои станале мисионери на христијанството помеѓу Словените од Голема Моравија и Панонија. Преку нивната мисионерска работа, влијаеле врз културниот развој на сите Словени. Токму поради овој момент ја добиле титулата титулата Апостоли на Словените. Заслужни се за создавање на Глаголицата. Првата азбука искористена да се препише Старословенскиот јазик.