Синоќа во просториите на ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“ беше одбележан патрониот празник на Центарот и 56 години од неговото постоење.
На свеченоста свое обраќање имаше директорот на ОЕМУЦ, Сашо Недески.
Динамичен е воспитно образовниот процес кој треба да е во чекор со времето, континуирано да се модернизира и ги прати современите текови на науката и техниката. Секојдневната соработка со компаниите, поддршката од МОН преку стипендирање на учениците во стручното образование и обезбедувањето на пријатни и модерни услови за работа во училиштето, придонесе кон зголемување на интересот за запишување во Центарот и со тоа драстично е зголемен бројот на ученици во сите струки. Во периодот што следува со поддршка од МОН и Локалната самоуправа ќе започне со реализација тригодишниот проект од страна на конзорциумот составен од нашето училиште и компаниите: „Костал“, „ЛТХ – леарница“ и „ОДВ електрик“, а одобрен од фондот за предизвици за набавка и инсталација на софистицирана опрема во училишната работилница – истакна директорот Недески.
На компаниите членки од конзорциумот им беа доделени плакети за особен придонес во изработката на проектот за набавка на опрема за училишната работилница.
Измина многу успешна година во која нашите ученици освоија бројни награди на меѓународни и државни натпревари, учества на проекти, како и на бројни спортски натпревари каде нашите ученици имаат освоено и неколку први награди за што учениците добија пофалници и пригодни награди. Успехот е заеднички на учениците и на нивните ментори. За десет и дваесет години континуирана работа во Центарот, како и на професорите кои оваа година заминаа во пензија им се оддаде соодветно признание за нивната работа и придонес во развојот на Центарот. Да ни е вековит денот на училиштето – „Св. Наум Охридски“ – додаде Недески.
Во рамки на одбележувањето на патрониот празник на ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“, учениците ги презентираа своите изработки и трудови, а се одржа и хуманитарната акција „Од деца за деца“.