Skip to main content

Историја

Одбележана годишнината од смртта на Методи Патчев

Охриѓани му оддадоа почит на еден од тројцата најголеми охридски војводи. Наша должност е да го чуваме споменот на охридскиот револуционер, порача потомок од семејството Патчеви.
 |  Валентина Неловска  | 
одбележан јубилеј од смртта Методи Патчев

Охриѓани му оддадоа почит на охридскиот војвода Методи Патчев. На јубилејот кога се одбележуваат 120 години од херојската смрт на револуционерот беше положено свежо цвеќе пред спомен бистата во градскиот парк. Методи Патчев, заедно со Христо Узунов и Петар Чаулев, се тројцата најголеми охридски војводи. Историчарот Михаил Патчев, потомок на семејството, потсети на животниот пат и револуционерното дело на Методи Патчев.

Имаме фамилијарно стебло кое се чува од 1780 година. Од тука почнува историјата на хартија. Традицијата датира уште многу поодамна но, тука се запишани фамилијарните традиции како што е на пример податокот за куќната слава Св. Јован Златоуст, која и денес е семејна слава на големото семејство Патчеви. Наша должност е да се грижиме и да го чуваме достоинството како што му прилега на делото на великанот од охридскиот крај“- кажа Патчев.

Охридскиот војвода Методи Патчев е роден на 14 мај 1875 година во Охрид. По потекло бил од сиромашна рибарска фамилија. Неговите родители, Јаким и Марија, трудољубиви и чесни луѓе имале пет деца Коста, Сандре, Никола, Методи и Вета. Јаким не сакал синовите да го наследат неговиот занает па Коста, Сандре и Никола ги дал да учат кожарски занает, а најмалиот Методи го дал да учи. Тој завршува основно училиште и прогимназија во родниот град. Патчев, работи како чирак–кожар во Пловдив заедно со татко му и тројцата браќа. По кратко време, сепак, продолжува со образованието каде што се запознава со идеите на Македонските револуционери и се приклучува кон борбата.

Ние со гордост го носиме презимето за да го зачуваме делото и животните успеси. Не станува збор само за револуционерното дело туку и за интелегенција и чесност која ја имал. Иако, поради недостаток на финансиски средства во семејството не го довршил образованието, успеал сам да се избори, школува и да стане учител“- кажа историчарот Михаил Патчев.

Методи Патчев, на 7 април 1902 година, храбро го положил животот со својата чета во Кадино Село, прилепско. Четата била опколена од сите страни, со аскер од 500 вооружени луѓе, а по 24 часовна борба, кога им снемало муниција морале да се предадат или да умрат. На повикот од аскерот да се предадат, одговорот бил, Македонски борци не се предаваат. Со песна, Методиј Патчев и неговите соборци со последните куршуми си ги одзеле животите.